• петок, 05 декември 2025

На „Илинденски денови“ семинар за традиционална музика и игра

На „Илинденски денови“ семинар за традиционална музика и игра

Битола, 27 јули 2025 (МИА) - Со промоција на Зборник и презентација на стручни трудови, претпладнево во Битола почна семинар за традиционална музика и игра.
На семинарот, што се одржува по 17.  пат,  со свои трудови застапени се универзитетските професори Владимир Јаневски, Родна Величковска, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани, како и магистрите на науки Христијан Николовски, Силвестер Проле, Љупка Стефановска, Тијана Јаневска, Марјан Андоновска и други учесници.

-Семинарот за традиционална музика и игра во Битола претставува еден од најдолго одржуваните стручни семинари во земјава, но и најголемите, и тоа се факти за восхит и почит. Како претходните, така и оваа година на семинарот учествуваат видни, истакнати стручни лица од етнокореологијата, етномузикологијата и етнологијата. Најголем дел од стручните лица се етнокореолози со голема стручност. Со овој семинар и Зборник направена е голема продукција на трудови од етнокореологијата, истакна професор д-р Владимир Јаневски, координатор на семинарот.

Иницијаторот за организирање на стручниот собир во рамки на фестивалот „Илинденски денови“, м-р Валентин Соклевски, во обраќање пред учесниците на семинарот, нагласи дека во Зборникот главен акцент е ставен на народната игра, на народната носија, а дел и на социјалната антропологија.

-Семинарот ќе заврши на 30 јули, а дотогаш учесниците ќе ги научат критериумите според кои се реинтерпретираат традиционалните содржини во современ контекст како што се фестивалските програми, фестивалските турнеи, но и медиумските формати и образовните системи, посочи Соклевски.

Семинарот за традиционална музика и игра на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола е отворен за јавноста. мт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан