• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
15 јануари 2020 (МИА) 69.- На Римскиот форум побунетите преторијанци го убија римскиот цар Сервио Сулпикијус Галба. Побунетите преторијанци во 68 година ја собориле власта и Нерон,  претходникот на Галба, принудувајќи го на самоубиство. 1535.- Англискиот крал Хенри Осми ја зел титулата „поглавар на Црквата“ во Англија и ја прекинал врската со римокатоличката црква и папата, кој не му дозволил развод од Катарина Арагонска и свршувачка со Ана Болен. Болен, мајката на кралицата Елизабета Прва, била погубена во 1536 година, обвинета за предавство. Таа е втората од шесте жени на Хенри Осми. Хенри Осми се женел повеќепати бидејќи немал син наследник. 1582.- Со посредство на папата Гргур Осми, кој бил иницијатор на колежот на хугенотите во Франција во 1572 година (Вартоломејска ноќ), бил склучен мир меѓу римокатоличката Полска и православната Русија, со кој Русија го изгубила излезот на Балтикот. 1622.- Во Париз е роден Жан Батист Поклен Молиер, француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската литература. Автор е на 33 театарски дела во кои ги исмејува тогашното општество, расипаноста и лакомоста на аристократијата. Најпознати негови дела се: "Тартиф", "Дон Жуан", "Жорж Данден", "Скржавец", "Учени жени" и други. Умрел во Париз, на 17 февруари 1673 година. 1777.- Северноамериканската држава Вермонт ја прогласила независноста од Велика Британија и станала република, која во 1791 година влегла во составот на САД. 1809.- Роден е францускиот економист и политички филозоф Пјер Жозеф Прудон, чија доктрина станала основа на подоцнежните радикални и анархистички теории. Неговите дела послужиле како прирачник за различните радикални политички концепции и на левицата и на десницата. 1891.- Роден е советскиот писател Иља Григоријевич Еренбург, еден од најголемите воени репортери во 20. век, врвен познавач на руската и западноевропската култура. Напишал педесеттина книги во кои на духовит начин ги изложи сопствените уверувања. Поголемиот дел од неговите дела се одраз на цврстото комунистичко определување. Дела: „Луѓе, години, живот“, збирка приказни „Тринаесет лулиња“, романите „Животот и смртта на Николај Курбов“, „Љубовта на Жан Неј“, „Лето 1925 година“, „Јужен ветер“, „Луња“, „Падот на Париз“, „Деветиот бран“ и други. 1895.- Роден е Георги Милев Касабов, познат како Гео Милев,  бугарски поет и публицист, главен претставник на експресионизмот во бугарската литература. Заедно со други симпатизери на левицата бил убиен од полицијата во 1925 година. Татко на бугарската писателката за деца Леда Милева. Денес во Софија според неговото име крстен е еден од поголемите градски четврти. Во Македонија, под наслов „Жестокиот прстен“ е објавен избор од неговото поетско, прозно и публицистичко творештво. 1909.- Во Солун е формирана Народната федеративна партија, легална граѓанска политичка партија во Македонија, чии основни цели биле обласна политичка автономија на Македонија во рамките на Турција, аграрна и даночна реформа, работничко законодавство, соработка со прогресивните движења во Турција и борба против балканскиот империјализам. Меѓу најпознатите македонски револуционери - припадници на оваа партија се Димитар Влахов, Јане Сандански, Анастас Митрев, Димо Хаџи Димов и други. 1918.- Роден е египетскиот државник Гамал Абдел Насер, претседател од 1956 до својата смрт во 1970 година, творец на модерниот Египет и еден од основачите на Движењето на неврзаните. По воената катастрофа на Арапите во војната со Израел во 1967 година поднесол оставка, но со референдум е вратен на функцијата шеф на државата. 1929.-  Роден е афроамериканскиот баптистички свештеник Мартин Лутер Кинг, водач на движењето против расизмот. Добитник бил на Нобеловата награда за мир во 1964 година. 1943.- Американците по повеќемесечните воздушни, поморски и копнени борби во Втората светска војна ги отстранија јапонските стратешки трупи од пацифичкиот остров Гвадалканал. Со било беше спречено напредувањето на империјата на Јапонија кон Австралија. 1945.- Во Скопје почнала дводневна Прва земска конференција на ветеринарните лекари во Македонија. Притоа биле формирани првите ветеринарни станици, а со тоа биле удрени темелите на ветеринарната служба во Македонија. 1945.- Во ноќта меѓу 15 и 16 јануари се извршени двете најмасовни и најбрутални стрелања во Титова Македонија. Без судење и почитување на пресумцијата на невиност, во најголема тајност и итност, од истражниот затвор на ОЗН-а во Велес се егзекутираа 53, според најновите истражуања 86 затвотреници, а во Куманово 48 затвореници под глобално сомневање дека се „народни непријатели“. Полувековниот молк го прекинал Титовиот биограф, политичарот и академик д-р Владимир Дедиер кој во април 1990 година во двонеделникот „21“, орган на ЦК СКМ, отворено го обвинил некогашниот шеф на КОС, генералот Јефто Шашиќ кој во Велес „една ноќ ги зграпчил затворениците за гуша и без сослушување сите ги стрелал“. Во автобиографските белешки, објавени посмртно во 1999 година претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелоденил дека за стрелањата во Велес и во Куманово дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран. Како иницијатор тој го посочил Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски. Истиот ден отпатувал за Белград каде објаснување побарал од маршалот Тито кој исто така не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење. Според д-р Дедиер, во тој период во Југославија без судење биле ликвидирани 140.000 луѓе. 1969.- Полетал советскиот вселенски брод „Сојуз 5“ со тројца космунаути, кој потоа се споил со „Сојуз 4“ кој беше лансиран претходниот ден. Тоа било првото спојување на два вселенски брода со човечки екипаж во орбитата околу Земјата. 1971.- Асуанската брана во Египет на реката Нил ја пуштиле во употреба египетскиот претседател Анвар ел Садат и претседателот на Президиумот на Врховниот совет на Советскиот сојуз Николај Подгорни. Изградбата на капиталниот објект од хидроенергетскиот и мелиоративен систем траела 11 години. 1973.- Израелската премиерка Голда Меир во Ватикан разговарала со папата Павле Шести, станувајќи прв претседател на влада на еврејската држава кој се сретнала со поглавар на римокатоличката црква. 1986.- Во Париз умрел Жан Касу, француски писател, есеист и ликовен критичар. Бил пријател на македонскиот народ и репрезент на македонската култура. Ги напишал делата „Ситуација на модерната уметност“, „Импресионистите и нивното време“, „Панорама на современите ликовни уметности“, „Создавањето на светот“ и други. Роден бил во 1897 година. 1986.- Советскиот лидер Михаил Горбачов го сопштил планот за „ослободување на земјата од нуклеарното оруже за 15 години“. 1991.- Европската заедница ги признала поранешните југословенски републики Хрватска и Словенија за независни држави. Решавачка улога во донесувањето на оваа одлука имал огромниот притисок на Германија, а уште повеќе на Ватикан. 1992.- Арбитражната комисија на Европската заедница на чело со претседателот Бадинтер (Бадинтерова комисија) соопштила во својот извештај дека се исполнети сите услови за меѓународно признавање на Македонија. 1992.- Владата на Република Бугарија ја признала Република Македонија за суверена и независна држава. Бугарија е првата земја што ја признала Република Македонија. 1992.- Во Скопје, во издание на НИО „Република“, излегол првиот број на првото македонско списание на англиски јазик „Маседониан њуз-магазин“. 1993.- САД наредиле поморска блокада на Хаити, оправдувајќи ја истата дека постои опасност од „масовно губење на животот на море“ поради бранот бегалци од оваа земја во Карипското Море. 1996.- Тешко болниот премиер на Грција Андреас Папандреу поднесол оставка. 2000.- Во холот на белградскиот хотел „Интерконтинентал“ бил убиен Жељко Ражнатовиќ „Аркан“. Причината за убиството се уште не е расветлена. 2004.- Парите со ликот на Садам Хусеин престанале да важат како легално средство за плаќање во Ирак. 2006.- Мишел Башеле, социјалист, станала првата жена претседател во историјата на Чиле. 2006.- Умрел кувајтскиот емир шеик Џабер ал Ахмед ал Сабах, кој на чело на државата се наоѓал од 1977 година, кога го наследил престолот како 13-ти владетел од династијата која управува во Кувајт 245 години. 2006.- Американската вселенска сонда „Стардаст“, со првите непроценливи примероци од кометната и меѓуѕвездената прашина успешно се спушти во пустината во американската сојузна држава Јута. 2007.- Умрел Бо Јибо, последниот од „осумтемина бесмртни“ во Кина. Бил ветеран на кинеската комунистичка револуција од 1949 година, министер за финансии и потпретседател на влада. За време на културната револуција (1966-1976 година) поминал 10 години во затвор, за во 1978 година да биде рехабилитиран. Бил последен од „осумтемина бесмртни“, група на револуционерните ветерани, меѓу кои беше и кинескиот лидер Денг Сјаопинг, кој ја водел Кина низ економските реформи во 1979 година и во превирањата кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Се верува дека Бо, во летото 1989 година, ја поддржал одлуката да се испрати војската за задушување на демонстрациите на плоштадот Тјенанмен. 2018.- Во Лондон на 46-годишна возраст ненадејно почина Долорес О`Риордан, пејачката на ирската група „Кренберис“. Групата „Кренберис“ меѓународната слава ја стекна во 90-те години од минатиот век со хитовите како што се „Зомби“ и „Лингер“. Групата продаде повеќе од 40 милиони плочи. Бендот престана да постои во 2003 година, но неколку години подоцна повторно се собраа. „Кренберис“ минатата година го издаде албумот „Something Else“. ###

Остани поврзан