4 јануари 2020 (МИА)
1710.- Роден е италијанскиот композитор Џовани Батиста Перголези. Дела: операта „Слугинката господарка“, црковната музика „Stabat mater“.
1785.- Роден е германскиот филолог и книжевник Јакоб Грим, основач на современата германистика. Јакоб Грим вниманието на јавноста го свртел кон народните умотворби и јазикот, а ги изучувал историјата на јазикот и старата литература. Се бавел со народни преданија, митови и бајки, со фолклор и обичаи. Во 1852 година го основал големиот „Германски речник“ и го напишал делото „Историја на германскиот јазик“.
1809.- Роден е францускиот учител Луј Брај, пронаоѓачот на азбуката за слепи, наречена Брајов систем. И самиот слеп, го измислил системот на испакнати точки, чии комбинации означуваат поединечни зборови, што им овозможува на слепите да можат да читаат.
1909.- Во селото Лавци, Битолско, е роден Тодор Ангеловски, меѓу народот познат како Даскалот, учител и просветител, борец против угнетувачкиот великосрпски режим, бестрашен борец против фашистичкиот окупатор и еден од првите учесници во НОВ во Македонија. Загинал, односно се самоубил, во борба против бугарскиот окупатор кај селото Лавци, на 12 јуни 1943 година.
1932.- Владата на британската колонија Индија го забранила Индискиот национален конгрес и го уапсила неговиот водач Махатма Ганди, кој ја предводел борбата за независност на Индија.
1941.- Во Париз умрел Анри Бергсон, француски филозоф и академик. Развил нов вид филозофија на животот, заснована врз идејата на „животен полет“. Од делата познати му се „Творечка еволуција“, „За смеењето“, „Материја и меморија“ и други. Во 1927 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил во Париз, на 18 октомври 1859 година.
1942.- На пат за Македонија (по организираното бегство од затворот во Сремска Митровица), минувајќи ја планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владички Хан, од заседа на бугарскиот фашистички окупатор бил убиен Јордан Николов - Орце, народен херој на Македонија.
1943.- Во Скопје, по повеќедневно ѕверско мачење, бугарската фашистичка полиција го убила Страшо Пинџур, народен херој на Македонија. Бил член на КПЈ од 1934 годин. Роден бил во селото Ваташа, Кавадаречко, на 5 март 1915 година.
1943.- Во Скопје, по петдневно ѕверско мачење, бугарската фашистичка полиција го фрлила низ прозорец Мирче Ацев, народен херој на Македонија. Правиот батаљон на Народноослободителната војска на Македонија го добил неговото име. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Роден е во селото Ореовец, Прилепско, на 26 септември 1915 година.
1944.- Сојузничките сили во Втората светска војна го започнале нападот врз германските сили на Монте Касина. Во жестоките борби бил разоран градот Касино и прастариот бенедиктински манастир, кој во 529 година го подигнал основачот на римокатоличкиот ред Свети Бенедикт од Нурсиј. Монте Касино беше центар на Бенедиктинскиот ред и центар на пребогата архива, библиотека и ризница. Тој е потполно разорен и уништен.
1948.- Велика Британија ја призна Бурма (сегашен Мјанмар) како независна република со првиот претседател на владата Такин Нуом.
1954.- Во Скопје умрел Димитар Андонов - Папрадишки, македонски зограф, еден од втемелувачите на современата македонска уметност. Роден бил во селото Папрадиште, во 1859 година.
1958.- Советскиот „Спутњик I“, првиот сателит кој бил лансиран во октомври во 1957 година, се распаднал и паднал на Земјата.
1960.- Во сообраќајна несреќа загинал францускиот писател Албер Ками, добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година. Дела: „Странецот“, „Чума“, „Пад“, „Калигула“, „Свадба“, „Митот за Сизиф“ и други.
1965.- Умрел англискиот писател од американско потекло Томас Стернс Елиот, добитник на Нобеловата награда за литература во 1948 година. Дела: „Збирка песни“, „Збирка есеи“, поетските драми „Убиство во катедрала“, „Семеен состанок“, „Коктел-партија“.
1972.- Пакистан побарал разговор со Индија по војната во која бил поразен, а дотогашниот Источен Пакистан станал независна држава Бангладеш.
1975.- Умрел италијанскиот писател Карло Леви, автор на романот „Христос застана во Еболија“, во кој е опишан тешкиот живот на италијанските селани под фашистичкиот режим. За време на владеењето на Мусолини бил интерниран во јужна Италија.
1992.- Владата на Република Македонија донесла одлука со која 7 јануари - првиот ден Божик, се прогласува за неработен ден. Ова е првпат во Македонија верски празник и официјално да биде прогласен за неработен.
1995.- Поранешниот турски претседател на владата Булент Еџевит ги обвинил Германија и Австрија за распаѓањето на Југославија, бидејќи тие го поттикнале отцепувањето на Словенија и Хрватска и ја осудил Анкара за рамнодушноста по појавата на првите сигнали дека дотогашната Југославија исчезнува.
1996.- Република Македонија и Република Таџикистан воспоставиле дипломатски односи.
2005.- Непознати напаѓачи го убилње гувернерот на Багдат, Алија ел Хајдари.
2006.- Умрел претседателот на владата и вториот човек на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мактум бин Рашид ел Мактум, инаку монарх на Емиратите во Дубаи.
2007.- Апелациониот суд на канадската провинција Онтарио официјално го признал правото на едно петгодишно дете да има три родители - татко и две мајки кои повеќе од 15 години живеле во хомосексуална заедница, од кои една е неговата биолошка мајка. Во Онтарио хомосексуалните бракови се легални од 2003, а од 2005 година и на целата територија на Канада.
2012.- На 79-годишна возраст умрел Хисен Рамадани, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија. Рамадани дипломирал на Високата школа за политички науки во Белград. Се занимавал со просветна дејност. Во својата политичка кариера бил пратеник во Собранието на СРМ и на СФРЈ, како и потпретседател на Извршниот совет на СРМ. По осамостојувањето на Македонија бил член на Демократскиот сојуз на Албанците и во два мандата пратеник во Собранието на Република Македонија.
2016.- На 93 години починал францускиот актер Мишел Галабру. Галабру на пошироката светска јавност и е познат по неговите комични улоги во „Жандармите во Сант Тропе. Улогата во која дојде израз неговиот раскошен талент била во филмот на Бернар Таверние „Судија и убиец“. Роден е бил на 27 октомври 1922 во Сафи во Мароко.
###