• среда, 25 декември 2024
На денешен ден
14 февруари 2020 (МИА) 869.- Во Рим умрел Константин, познат под името Кирил Солунски, еден од творците на првата словенска азбука. Тој и неговиот постар брат Методиј, двајцата родени во Солун, преведувале библиски текстови и книги од грчки јазик на дијалектот на солунските Македонци. Творците на првата словенска азбука, Кирил и Методиј, воделе жестока борба против застапниците на тезата дека постојат само три "светски јазици" кои можат да се употребуваат при вршење на верските обреди: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот. Роден бил во 826 (827) година. 1400.- Под мистериозни околности и во затвор во замокот Понтефракт умрел англискиот крал Ричард Втори, кој во 1399 година го соборил роднината Хенри Болингброк прогласувајќи се за крал Хенри Четврти. На престолот дошол на 10-годишна возраст наследувајќи го дедо му Едвард Трети, а во текот на владеењето од 1377 година бил принуден од незадоволниот висок сталеж грчевито да ги брани прерогативите на кралските власти. 1468.- Умрел Јоханес Гутенберг, пронаоѓач на техниката за печатење со подвижни букви. Ја усовршил печатарската машина и прв почнал да користи излеани метални букви. Во 1455 година ја отпечатил „Библијата“. Роден бил околу 1400 година. 1663.- Канада станала француска колонија. 1779.- Загинал Џемс Кук, англиски поморски истражувач, познат како капетан Кук. Го откри источниот брег на Австралија, многу острови во Јужен Пацифик и прв ги обиколил бреговите на Алјаска. Роден бил на 28 октомври 1728 година. 1893.- САД ги анектирале Хаваи. 1929.- Се случилпознатиот „Масакр на денот Свети Валентаин“ кога член на Ал Капоневата криминална банда уби седум гангстери од бандата на Багс Морано во една чикашка гаража. 1943.- Во селото Русиново умрел Никола Петров Русински, еден од истакнатите личности на националната историја на македонскиот народ, социјалист и револуционер, близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери. Автор е на книгата "Прилог кон историјата на Внатрешната македонско одринска револуционерна организација". Роден бил во селото Русиново, на 21 ноември 1875 година. 1946.- На американскиот универзитет Пенсилванија почнал да работи електронски мозок, односно сметач, кој е означен со скратеницата ENIAC (Електронски нумерички интегратор и сметач). 1958.- Објавено било обединувањето на кралствата Ирак и Јордан во Арапска Федерација, под водство на ирачкиот крал Фејсал Втори, роднина на јорданскиот монарх Хусеин, како шеф на државата. Монархијата во Ирак била соборена во јули 1958 година, а кога кралот бил убиен федeрацијата се распаднала. 1972.- Советскиот вселенски брод „Луна 20“ се упатил кон Месечината. По 11 денови престој, на Земјата донесол примероци од површината на Месечината. 1989.- Иранскиот верски водач ајатолахот Рухолах Хомеини се изјаснил за смртна казна на англискиот писател од индиско потекло Салман Ружди, автор на романот „Сатански стихови“, оценувајќи дека со тоа дело авторот го сквернави исламот. 1996.- Република Македонија и Република Бангладеш воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 2001.- Во Скопје, во населбата Тафталиџе, била отворена Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица“ на „Систина медикал“, прва приватна гинеколошка болница во Република Македонија. 2005.- Во пожар во џамија во центарот на Техеран животот го загубија 59 лица, а повеќе од 200 беа повредени. 2015.- Во Кавадарци починал македонскиот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол. Последната негова изложба насловена „Ретро Арт – Нови моменти“ ќе остане запаметена како една од најпосетуваните во историјата на ликовната уметност во Кавадарци.   2015.- На 65-годишна возраст починал директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Зоран Тодоровски. Автор е на бројни публикувани историски трудови и зборници на документи. Значајни се неговите трудови посветени на ВМРО 1918-1924-1934 година, на македонското прашање во бугарскиот парламент, на ис­то­рис­ки личности како што се Крсте Мисирков, Тодор Александров, Вла­дис­лав Ковачев, Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и други. Зоран Тодоровски бил именуван за директор на Државниот архив на Република Македонија и раководел со Ар­хи­вот во периодот 1999-2002 година и од 2006 година до неговата смрт. Тој бил претседател на  научно-културните средби „Десет дена Кру­шев­ска Република“. Роден бил на 3 март 1950 година во Скопје.   ###

Остани поврзан