На вчерашниот протест во Атина за тригодишнината од железничката несреќа приведени 200 лица, од кои 19 се уапсени
- Превентивно пред почетокот, за време и по завршувањето на вчерашниот протест на плоштадот Синтагма пред во центарот на Атина за тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи биле приведени 200 лица, од кои 19 се уапсени, а кај дел од нив биле пронајдени воздушен пиштол, молотови коктели, пиротехнички средства, соопштија од грчката полиција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 1 март 2026 (МИА) – Превентивно пред почетокот, за време и по завршувањето на вчерашниот протест на плоштадот Синтагма пред во центарот на Атина за тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи биле приведени 200 лица, од кои 19 се уапсени, а кај дел од нив биле пронајдени воздушен пиштол, молотови коктели, пиротехнички средства, соопштија од грчката полиција, јави дописничката на МИА од Атина.

На вчерашниот масовен протест, според процените на полицијата присуствуваа околу 40.000 граѓани, а во однос на тензиите по завршувањето на официјалниот дел, од полицијата информираа дека група од околу 50 маскирани лица, која се инфилтрирала во собирот на плоштадот Синтагма, искористувајќи го постепеното заминување на граѓаните, „фрлаа камења и други предмети кон полициските сили“.
- Во рамките на современиот и флексибилен оперативен план изготвен со цел обезбедување услови за заштита на настаните, полицијата, грижејќи се паралелно за безбедно заминување на граѓаните, употреби соодветни средства за спречување на тензии-напади кои ќе ја ставеа во опасност безбедноста на луѓето кои мирно протестираа, соопштија од полицијата.

Кај уапсените 19 лица биле пронајдени и запленети воздушен пиштол, димна бомба, петарди, пепер-спреј, пластични шишиња со камења и чекан, ранец со 12 молотови коктели, седум импровизирани експлозивно-запаливи направи, ракавици, маски и шише со бензин.

Како што вчера објави МИА, тензијата беше на крајот од официјалниот дел и додека голем дел од демонстрантите си заминуваа, а полицијата употреби солзавец, додека пак пред протестот, центарот на Атина беше под силно полициско обезбедување, а на различни локации пред плоштадот Синтагма каде што беше собирот, постоеја полицајци кои ги проверуваа сите пешаци, како и нивните чанти, нешто што беше спроведено дури и за новинарите и фоторепортерите.
Токму поради овие проверки, реагираше Здружението на фоторепортери на Грција кои го осудија „обидот за терор од страна на полицијата“, како и „практиката на грчката полиција да бара проверки на чанти од колеги, да бара физички преглед на фоторепортери и да бара нивно приведување во моментот кога се приближува до плоштадот Синтагма со цел да ги покријат протестите на синдикатите за тригодишнината од Темпи“.
- Бараме веднаш да запре практиката на „проверка“ на колегите фоторепортери кои ја вршат својата работа, како и непотребните и провокативни контроли на граѓаните, соопштија од Здружението. ср/мс/
Фото: МИА/ грчка полиција