Трета седница на работната група за реформи на изборното законодавство
- Работната група за спроведување реформи во изборното законодавство денеска ќе ја одржи третата седница и ќе ја разгледува работната верзија од изборниот законик, најави Министерството за правда. На седницата на работната група, што ќе се одржи во Клубот на пратениците, ќе присуствува и министерот за правда Кренар Лога.
Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Работната група за спроведување реформи во изборното законодавство денеска ќе ја одржи третата седница и ќе ја разгледува работната верзија од изборниот законик, најави Министерството за правда. На седницата на работната група, што ќе се одржи во Клубот на пратениците, ќе присуствува и министерот за правда Кренар Лога.
Работна група за реформи во изборното законодавство беше конституирана на крајот на април годинава, со задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да работи на нов изборен законик. Во нејзиниот состав има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз, додека ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски неодамна ја повика ВМРО-ДПМНЕ да делегира претставник во рамки на оваа работна група, која треба финално да ги усогласи препораките на ОБСЕ/ОДИХР, посочувајќи во нејзини рамки да се разговара за точниот термин на претстојните избори.
-Она што можам да кажам во врска со подготовката на изборите, во делот на изборниот законик, во делот на нивното одржување во Министерството за правда веќе постои работна група, каде сите политички партии имаат делегирано свои претставници. Така како што е според Закон и процедура. Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делигирано свој претставник. Така што јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат во процес во којшто учесствуваа 30 и повеќе политички партии, изјави Ковачевски.
По изјавата на Ковачевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, го повтори повикот за одредување на изборните термини, но не во рамки на Министерството за правда. Најави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за изборниот законик ќе го изнесат во Собранието.
-Работната група во Министерството за правда работи на измените во Изборниот законик. Тој Изборен законик повторно ќе дојде во собраниска процедура и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе се произнесе врз основа на тие измени што ќе ги добиеме како предлог. Точно е дека ние не учествуваме, но тоа не значи дека нема да учествуваме во носењето на измените или во носењето на новата верзија на Изборниот законик, изјави Мицкоски. лв/мд/
Фото: МИА архива