Средба на високо ниво „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“
- Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа - (СЕЛДИ) денеска во Скопје организира средба на високо ниво со наслов „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа - (СЕЛДИ) денеска во Скопје организира средба на високо ниво со наслов „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.
Целта на настанот, како што информираат од МЦМС, е клучните носители на политиките, граѓанското општество и меѓународната развојна заедница да дискутираат за иновативни идеи и за итните активности за повторно ангажирање на владите во регионот во борбата против корупцијата, за незаконските финансиски текови и за стратешката корупција. Истовремено, ќе се разгледуваат и правните празнини што овозможуваат перење пари, заобиколување санкции и трговија со стоки со двојна намена.
-Со средбата се очекува да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации во Западен Балкан на локално ниво, со знаења за глобалните антикорупциски трендови, да се осознаат новите насоки на донаторските стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ, велат од МЦМС.
На воведниот и на панел дискусиите ќе зборуваат Арбен Фетаи, заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија (РСМ) задолжен за политики на добро владеење, Бен Нупнау, заменик на шефот на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Вероник Улман, амбасадорката на Швајцарија, Никол Варнес, заменик на амбасадорката на САД, Барт де Брујин, регионален координатор за владеење на правото од Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора, и др.
Настанот е дел од проектот Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет), финансиран од
Европската Унија, а кофинансиран со средства од Централната европска иницијатива. дма/ев/
Фото:МИА архива