• вторник, 17 март 2026

Во Собранието имаше дебата за унапредување на правото на здравје на лицата со попречност

Во Собранието имаше дебата за унапредување на правото на здравје на лицата со попречност

Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“ беше насловот на настанот што денеска се одржа во парламентот. Настанот беше во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со „Зета“ -  организација за попреченост и правда, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености - Велес, „Порака“ - Неготино и „Еко - живот“ - Кавадарци.

Министерот за здравство Азир Алиу рече дека извршната и законодавната власт мора и понатаму да работат на подобрување на состојбите во државата.

- Овие родители тука сакаат нивните деца да бидат независни и самостојни - посочи министерот.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, исто така нагласи дека сите фактори треба заеднички да продолжат да соработуваат за подобрување на состојбите. Тој рече дека состојбите се подобрени во споредба со минатото, но дека треба уште да се работи. 

Пратеничката Ангелинка Петкова пред присутните рече дека нејзината врата и вратата на ИППГ секогаш ќе бидат отворени. Таа истакна дека во ИППГ учествуваат пратеници од сите политички партии, дејствуваат како заедница, се бара консензус за сите промени да бидат за подобро на лицата со попреченост. 

- Добро е тоа што овој настан се прави токму пред носење на законот за здравствена заштита, што ќе овозможи сите по малку да влијаеме барем на промените што ќе бидат во законот за да може да им го олесниме животот на оваа група наши сограѓани - нагласи Петкова.

Пратеничката Јована Тренчевска, меѓу другото, ги спомна и извештаите на народниот правобранител, кој укажувал на дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивните права. 

- Добро е што на оваа дебата, покрај законодавната, присутна е и извршната власт - истакна Тренчевска.

Во изјава за медиумите, Елена Кочоска, член на „Зета“ - организација за попреченост и правда, се осврна на проблемите со кои се соочуваат.

- Најголем проблем е пристапноста. Меѓутоа, пристапноста не само од аспект на обезбедување рампа, туку пристапност и достапност на целокупниот здравствен систем, пристапноста од аспект на информациите, пристапноста и достапноста на информираната согласност, начинот на носење одлуки кај лицата со попреченост, потоа тука се ортопедските помагала, пристапот до примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита, што не се пристапни за нас граѓаните со попреченост, рехабилитацијата, бањското лекување и пристапот до разни ортопедски помагала, што всушност се неопходни алатки за ние да живееме самостојно и независно - нагласи Кочоска. бд/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан