• вторник, 05 ноември 2024

Промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“

Промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“

Скопје, 3 февруари 2024 (МИА) - Во Дебар Маало во Скопје денеска ќе се одржи промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз - во светот на децата“ во Дебар Маало, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, од познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ, автор на воведниот текст и Марко Коловски, автор на нотографиите.

Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.

Како што вели авторката Костиќ-Маровиќ во воведот, насловот на збирката не е случаен.

-Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата, соопштија од Арс Ламина.

Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.

Книгата е достапна во поголемите книжарници како и онлајн преку „www.literatura.mk“. бт/нд/

Фото: Арс Ламина

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан