Промоција на „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски
- Театар Комедија денеска ќе ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски во превод на Наташа Атанасова.
Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Театар Комедија денеска ќе ја промовира книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски во превод на Наташа Атанасова.
Како што соопшти театарот, македонското издание „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ содржи два есеја - „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, и предговор од театрологот Деспина Ангеловска, а се заснова на зборникот „Etika: Umetnost glumca i reditelja” (Белград, 1996), приреден од Радослав Лазиќ.
Театрологот Ангеловска во предговорот ќе забележи дека „во ерата на глобализацијата, комерцијализацијата и загубата на утопиите, се наметнува потребата од навраќање на будната мисла на Станиславски“.
-Станиславски ги поставува клучните прашања за „основните вредности“ и „мисијата“ на театарот и уметноста, соочувајќи нè со одговорноста што ја имаме кон нив. За Станиславски, етиката и естетиката се неразделно поврзани, и само спојот на двете го овозможува создавањето на вистинското уметничко дело, наведува Ангеловска.
Константин Станиславски (1863 − 1938) е руски актер, режисер и педагог, основач на Московскиот уметнички театар во 1898 година. Најпознат е по развивањето на теоријата на глумата, позната и како Системот на Станиславски. Според Станиславски, театарот е уметност од општествено значење. Тој верувал дека театарот има силно влијание врз луѓето и дека глумецот мора да служи како народен просветител.
-Станиславски сметал дека прашањето за етиката и моралот претставува многу важно начело на театарското уметничко творење. Моралниот чин на поединецот во сложениот театарски организам, личноста во ансамблот, нејзината задача и нејзината улога во битието на театарот, претставуваат суштински вредности во есеите „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, посочува Театар Комедија.
Изданието ќе го промовира Дарко Спасов, драматург и директор на Театар Комедија, кој работеше на неговото уредување и подготовка. хс/ев/
Фото: Театар Комедија