• вторник, 25 јуни 2024

Промоција на „Антологија на иднината“ во Градската библиотека во Скопје

Промоција на „Антологија на иднината“ во Градската библиотека во Скопје

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - „Антологијата на иднината“ содржи песни, проза и есеи на 23 млади автори, учесници на работилницата за креативно пишување иницирана и реализирана од ГБСК. Двомесечната работилницата ја водеше писателот Александар Русјаков, кој е и уредник на изданието, а автор на корицата е еден од учесниците - Борис Дебси.

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје вечер во Паркот на поезијата (дворот на библиотеката) ќе го промовира своето издание „Антологија на иднината“ – избор творби од работилницата за креативно пишување, одржана минатата година. 

„Антологијата на иднината“ содржи песни, проза и есеи на 23 млади автори, учесници на работилницата за креативно пишување иницирана и реализирана од Градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Двомесечната работилницата ја водеше писателот Александар Русјаков, кој е и уредник на изданието. Автор на корицата е еден од учесниците - Борис Дебси, лектор е Денис Бојаров, а техничката обработка е на Јованчо Димоски. Книгата е поддржана од Град Скопје.

Објавувањето на „Антологија на иднината“ како дел од издавачката дејност на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ е заокружување на целиот процес, што тргнува од премисата институицијата да биде повторно атрактивно место за младите креативци, подвлекува во предговорот директорката Снежана Стојчевска.

-Се восхитувам на оваа силна буица од младешка енергија и искреност, која верувам дека ги задоволува и највисоките книжевни критериуми. Особено сум горда што Библиотеката е издавач на оваа Антологија на иднината, вели Стојчевска.

За писателот Русјаков, ова е збирка поезија и проза на исклучително свои и посебни млади книжевни Автори од една „обична“ креативна работилница.

-Зад овие редови не се крие, туку се објавува она за кое верувам дека може да стане иднина на книжевната уметност во светот и кај нас во татковината, секако, ако тие одлучат да ја жртвуваат својата удобност и вообичаено воспоставените норми и правила, оти уметноста истовремено вреска и тихува во утробата, пишува Русјаков.

На промоцијата за „Антологија на иднината“ ќе говорат Стојчевска, Русјаков и Александра Јуруковска - координатор на проектот.

Свои творби ќе читаат дел од авторите застапени во Антологијата: Михаела Стефановска, Софија Добревска, Александра Арсовска, Давор Стефановски, Хана Трајкоска, Методија Тасевски, Никола Ристовски, Нино Наумовски, Иво Донев, Матеа Јовановска, Бојана Цветковска, Јована Вуковиќ, Маша Тодевска и Михаела Сталеска. Модератор на настанот е актерот Андреј Серафимовски, а во музичкиот дел ќе настапи младиот панк бенд „Малери“.са/

Фото: Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Остани поврзан