• среда, 01 април 2026

Први април - Ден на шегата: Скопје во знакот на хуморот, маските и карикатурата

Први април - Ден на шегата: Скопје во знакот на хуморот, маските и карикатурата

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Први април, Денот на шегата, во светот се одбележува како ден посветен на хуморот, смеата и безопасните шеги. Во нашата земја, традиционално, најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекари и ликови од цртани филмови дефилираат во градот создавајќи ведра и шарена атмосфера.

Градот оваа година повторно ќе биде исполнет со детска радост на манифестацијата „Априлијада“. ЈУ Детски културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, денеска, со почеток во 10.30 часот. во Градскиот трговски центар ја организира традиционалната детска програма.

Настанот вклучува ревија на маскирани деца од градинки и основни училишта, танцови точки, настапи на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, солисти од „ЗОО азбука“, студијата „Бреак а лег“ и „Марбал“, како и „златните славејчиња“.

Посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловнови, маскоти од познати цртани филмови, како и пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката.

За крај, публиката ќе ужива во сегменти од детскиот мјузикл „Аладин и волшебната ламба“, изведени на македонски јазик од студиото „Бродвеј јуниор“.

Настанот е наменет за деца, родители и пошироката јавност, со цел да ги поттикнат детската креативност, уметничкиот израз и духот на заедништво. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации.

По повод Денот на шегата, „Остен“ организира богата програма со изложби посветени на карикатурата, со што цел април го прогласува за месец на хуморот и сатирата.

На 1 и 14 април, во галеријата на „Остен“, ќе бидат изложени карикатури и сатирични дела од реномираните автори Димитар Чудо и Мице Јанкуловски. На 21 април, во соработка со Амбасадата на Република Хрватска, ќе биде отворена изложба на карикатури од Хрватското друштво на карикатуристите.

Денеска се одбележува 1 април - Денот на шегата. Ова не е национален празник, но насекаде во светот се прославува како ден кога многумина прават шеги и будалаштини.

Денот на шегата во светот не се прославува секаде исто. Во Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и во Јужна Африка шегите траат до пладне, а во Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија и во други земји хуморот не познава временско ограничување и трае цел ден.

Први април останува ден кога смеата и креативноста ги сплотуваат луѓето потсетувајќи нè на значењето на хуморот во секојдневниот живот. дма/са/

Фото: МИА архива / плакати

Остани поврзан