• понеделник, 23 декември 2024

Отворен ден во ЈП Лајка, повик до граѓаните да вдомат куче

Отворен ден во ЈП Лајка, повик до граѓаните да вдомат куче

Скопје, 10 февруари 2024 (МИА) - ЈП Лајка денеска организира отворен ден и ги повикува граѓаните да вдомат куче од 105-те кои привремено ги има во стационарот. 

-ЈП Лајка во моментов е времен дом на 105 кучиња, сите посебни по својот карактер, изглед и карактеристики. Но едно нешто важи подеднакво за сите – на секое бескрајно му треба љубов, семејство, дом, соопшти претпријатието.

Од „Лајка“ сметаат дека многумина не се доволно информирани за судбините на бездомните животни и причините зошто се тие на улица и наведуваат дека причинители за нивната прекубројност се неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување и напуштањето.

-Животните на улица се осудени на тежок живот, секојдневие исполнето со страв, трауми, глад, предвремена, најчесто насилна смрт. Но, хуманоста е „заразна“, а една позитивна приказна влијае и менува многу. Со вашата одлука вие спасувате еден живот, а притоа давате позитивен пример на сите останати. Благодарение на таквите, сè поголема е бројката на поединци кои вдомиле, ќе вдомат и ќе спасат живот и кои стекнале прекрасен, верен и уникатен пријател, велат од ЈП Лајка. 

За да вдомат куче, граѓаните може да го посетат стационарот или да ги контактираат вработените во ЈП Лајка на е-адресата vdomi@lajka.com.mk На нивната фејсбук-страница може да ги разгледаат кучињата што се објавени за вдомување. хс/бак/

Фото: ЈП Лајка 

Остани поврзан