• четврток, 26 декември 2024

Изложба „Во сеќавање на Борко Лазески“ во Скопје

Изложба „Во сеќавање на Борко Лазески“ во Скопје

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Изложбата „Во сеќавање на Борко Лазески“, на негови досега неизложени дела, ќе биде отворена денеска, во 19 часот, во неговата семејна куќа на улица „Отон Жупанчиќ“ 15, во скопско Дебар маало, по повод 30 годинината од неговата смрт. Делата се изработени во период од 1937 до 1950 година.

- Неизложувани дела на Борко Лазески, зачетник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија, се значаен дел од искуството на авторот и нудат преглед на неговата уметничка перцепција од тој период. Делата го одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство, вели Марија Коробар куратор на изложбата.

Борко Лазески, запишува Ликовна школа во 1933/34 година во Белград, а студиите ги продолжува на белградската Ликовна академија, но поради војната ги завршува на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 година.

Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од оснивачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

Како стипендист на француската влада во 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство. Тука ги студира монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во текот на двегодишниот престој во Париз, Борко Лазески работи во ателјето на францускиот уметник и теоретичар Андре Лот (Andre Lot), кој има клучна улога во оформувањето на ликовниот стил на Лазески како автор.

Тој е прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје (1948 година).

- Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво кој го одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет, вели Марија Коробар. ир/аа/

 

Фото: Марија Коробар

Остани поврзан