„Неизложени дела на хартија“ - изложба на Сергеј Андреевски во Грција
- Самостојна изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски насловена „Неизложени дела на хартија“ ќе биде отворена вечер со почеток во 19 часот галеријата на Општината Каламариа во Солун, Грција.
Скопје, 21 април 2023 (МИА) - Самостојна изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски насловена „Неизложени дела на хартија“ ќе биде отворена вечер со почеток во 19 часот галеријата на Општината Каламариа во Солун, Грција.
Андреевски за поставката посочува дека таа на некој начин, е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „ХАРТИИ“ што се случи минатиот мај, во Музејот на македонската борба за самостојност, во Скопје.
-Имено, голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот, минатата година, заради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе и бидат претставени на публиката во Солун. Тоа се цртежи и слики од различни творечки фази и тематски циклуси, главно инспирирани од патувањата на авторот низ светот. Создадени се на различни видови хартија - од обична, професионална и рециклирана Арш хартија, до рачно изработена јапонска хартија - Ваши, наведува ликовниот уметник.
Делата ќе бидат поставени во општинската галерија РЕМЕЦО во Каламариа, Солун во периодот од 21-29 април, а на отворањето, за творештвото на Сергеј ќе говори Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина.
Реализацијата на проектот е овозможена од Министерство за култура на Република Северна Македонија. вг/са/
Фото: репродукција Сергеј Андреевски