„Литера“ продолжува со ден посветен на креативноста, емоциите и илустрацијата
- Во рамки на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, денеска гостинот од Естонија - Урмас Реинма ќе ја претстави својата сликовница „Каде го најде?“.
Скопје, 25 април 2025 (МИА) - Во рамки на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, денеска гостинот од Естонија - Урмас Реинма ќе ја претстави својата сликовница „Каде го најде?“.
Реинма својата писателска кариера ја почнал во 90-тите години додека студирал естонски јазик и литература, а подоцна работел како слободен преведувач, театарски критичар и уредник на вести за култура. Сликовницата „Каде го најде“ („Kust sa selle nadli“) се најде меѓу петте најубави сликовници во Естонија во 2020 година. Тој ќе одржи и работилница за деца.
- Сликовницата на Урмас Реинма претставува исклучително уникатна приказна која ги поттикнува децата да размислуваат за изгубените и пронајдените предмети, но пред сè, отвора бројни можности за дискусии за несебична помош, љубезност и грижа за другите, дури и ако се непознати, информира тимот на „Литера“.

Во текот на денот ќе се одржат работилници за илустрација со Софија Семенпеева, кои ќе им овозможат на учесниците да го истражат светот на визуелната приказна и да создаваат квалитетна илустрација.
Љубителите на едукативни содржини ќе можат да уживаат во работилниците со штедливото слонче Халки, наменети за најмладите, со цел преку игра и интеракција да се развие креативното изразување кај децата. Овие работилници се поддржани од долгогодишниот партнер на фестивалот, Халкбанк.
Во текот на вечерните часови ќе се промовира и сликовницата „Црното маче“ на авторот Неше Рамовиќ и илустраторката Наталија Лукомска од издавачката куќа „Светулка“ и промовирана од Сребра Ѓорѓиевска.

Посетителите ќе имаат можност да ги погледнат двете изложби поставени во рамки на „Литера“ - ретроспективата на Орде Манески и изложбата на современите македонски авторки Софија Семенпеева, Иванка НиБа и Анастасија Јованова.
Фестивалот беше отворен на Светскиот ден на книгата - 23 Април, а во фокусот се домашните автори и илустратори, кои со своето творештво оставиле значајна трага во литературата за деца или носат нова естетика и наратив во оваа уметничка област. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам. мд/нд/
Фото: „Литера“