• вторник, 24 декември 2024

Концерт „Балканско патување“ на Пламенка Трајковска – гудачки квартет

Концерт „Балканско патување“ на Пламенка Трајковска – гудачки квартет

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“,  Пламенка Трајковска – гудачки квартет вечерва во Музеј на македонската борба ќе одржи концерт со наслов „Балканско патување“ на кој ќе се претстават Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите за гудачки квартет ги подготви Пламенка Трајковска.

Концертот претставува музички истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и  одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот а за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користени како основа за создавање на нови композиции со гудачки квартет.

Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет,заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики кои имаат само еден наслов – балканска композиција. 

Концертот „Балканско патување“ е  покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена Балканска музика и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи. 

Пламенка Трајковска и членовите на гудачкиот квартет имаат реализирано повеќе проекти во кои обработуваат теми на светското музичко наследство. До сега Пламенка има направено аранжмани за македонски фолклорни теми во класичен и кросовер стил и тоа: Ој девојче, Шумат кај шумат шумите, Елено ќерко, Ај да бегаме мори Васе , Ламенто вело и други. 

Пламенка Трајковска досега има настапено на речиси сите позначајни сцени и фестивали кај нас и има реализирано концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Дирекција за култура и уметност, Скопје, Музеј на Македонската борба и Здружение Пламенка Трајковска – МКС, Скопје.вј/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан