Изложба „Танц, отпор, (не)делување – Аспекти на танцот како културно, политичко и уметничко делување за време и по Југославија“ во Загреб
- Во Музејот на современа уметност во Загреб денеска ќе биде отворена изложбата „Танц, отпор, (не)делување – Аспекти на танцот како културно, политичко и уметничко делување за време и по Југославија“ на културниот центар „Локомотива“, која е заедничко истражување и програма курирана од мрежата „Номад Танц Академија“, во соработка со Музејот на современа уметност во Загреб.
Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Во Музејот на современа уметност во Загреб денеска ќе биде отворена изложбата „Танц, отпор, (не)делување – Аспекти на танцот како културно, политичко и уметничко делување за време и по Југославија“ на културниот центар „Локомотива“, која е заедничко истражување и програма курирана од мрежата „Номад Танц Академија“, во соработка со Музејот на современа уметност во Загреб.
Како што соопштија од „Локомотива“, оваа изложба претставува долгорочно истражување за развој на дигиталната архива на современиот танц и изведувачките уметности во постјугословенскиот регион. Содржи документи, фотографии, видео документација, каталози и книги, како и мапирани релации на танцови уметници, мислители и структури кои зборуваат за танцовите архиви „како пресек на мноштво простори, меморија, работни материјали, тело на знаење, историја, присуство, иднина, пријател(и/)ства, политики, политика, отпор, истрајност, љубов, непријатели, тишина, протести, дисонанции, социјалитети, здружување и уште многу тоа повеќе што танцот го одржува, издржува, создава како имагинација и перспектива“.
Изложбата е курирана од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Рок Вевар, во ко-кураторство и заедничко истражување со Славчо Димитров, Милица Ивиќ, Теа Кантоци, Игор Коруга, Ива Нерина Сибила, Биљана Тануровска-Ќулавковски, Рок Вевар, Јасмина Заложник. Кураторска поддршка од Јасна Јакшиќ од Музејот на современа уметност.
Како што најавија од „Локомотива“, во рамките на изложбата ќе биде претставена (Не)врзаната танцова архива - НАДА, прва дигитална архива за танц и изведувачки уметности во постјугословенскиот регион, отворена и достапна за истражувачи, уметници и писатели.
Изложбата е придружена со книгата „Танцови тела: Аспекти на танцот како културно, политичко и уметничко делување за време и по Југославија“, чии уреднички се Јасмина Заложник и Ника Архар. Преку својата историско-теоретска позиција, таа ги артикулира политичките, културните и уметничките рамки во кои танцовите практики во Словенија, Хрватска, Србија и Северна Македонија се појавија во изминатите сто години.
Овој настан е последната фаза од долгорочниот проект „(Не)врзани движења“, спроведен од партнерите на Номад Танц Академија: Станица Сервис за современ танц, Локомотива, Номад Танц Академија Словенија, Номад Танц Академија Хрватска, Објект на танцот и Танцфабрик Берлин.
Проектот е поддржан од Програмата Креативна Европа на Европската Унија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Република Словенија, Град Љубљана, Министерството за јавна администрација на Република Словенија, Град Скопје, Гете-институт, Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), „Култура за демократија“ и фондот Хартефакт, Град Загреб и Министерството за култура на Република Хрватска.
Изложбата ќе биде отворена до 23 февруари следната година. бт/дма/
Фото: Плакат