• среда, 18 декември 2024

„Златна Лира 2023“ – Концерт на добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“

„Златна Лира 2023“ – Концерт на добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“

Скопје, 21 октомври 2023 (МИА) - Во Музејот на македонската борба, вечерва во 20 часот, во рамки на Фестивалот „Златна лира“ ќе се одржи концерт на добитниците на наградата на Сојузот на музички уметници на Македонија - СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“.

На концертот ќе настапат Мерт Рустемов на кларинет, Стефан Трајаноски на саксофон, Мевљуд Асаноски на кларинет, Ѓорѓи Димовски на саксофон и Арсениј Ангелески на пијано. Тие ќе изведат дела на Кепке, Шостакович, Руеф, Вебер, Менделсон и Крепин.

-Во рамките на својата редовна концертна програма која ја сочинуваат настапи на реномирани музички уметници од државава и странство, фестивалот „Златна лира“ традиционално го отстапува својот подиум на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. Ваквата можност да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат, велат од СМУМ.

Во таа смисла, последните години, СМУМ соработува со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од државава, која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. дма/бак/

 

 

 


 

Остани поврзан