• недела, 22 декември 2024

ЗЕЛС организира форум „Здружени“ по повод кампањата 16 дена активизам за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата

ЗЕЛС организира форум „Здружени“ по повод кампањата 16 дена активизам за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска организира форум „Здружени“ во рамки на кампањата  16 дена активизам: #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата. 

Форумот е организиран со поддршка на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women.

Како што најавија организаторите, на форумот ќе се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, пратеничката Лидија Петкоска, која е воедно и член на Комисија за еднакви можности во Собранието, членови на Лоби групата за родова еднаквост на ЗЕЛС, како и координаторите и претставниците од комисиите за еднакви можности и лицата одговорни за социјална заштита од општините.

Настанот се организира во важни моменти кога нашето општество се соочува со зачестени случаи на насилство врз жените и девојчињата, неретко и со фемициди, со дигитално родово базирано насилство и со други форми на насилство врз жените и девојчињата. Потребно е со заеднички заложби на сите нивоа на власти да се даде приоритет во утврдување на конкретни решенија и во спроведување на трајни и одржливи форми за превенција и сузбивање на оваа форма на насилство, посочуваат организаторите.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство експлицитно повикува на вклучување и на локалните власти во креирањето на сеопфатните и координирани политики и обезбедување соодветни финансиски ресурси за нивна имплементација, но и во креирање на разни активности за превенција на насилството. Во таа насока, додаваат од ЗЕЛС, на Форумот ќе бидат презентирани добри искуства од општините - Карпош, Куманово и Струмица. Исто така, пред присутните ќе бидат споделени и предизвиците со кои се соочуваат давателите на вакви услуги и нивната соработка со локалната власт. Искуства ќе споделат претставниците од Советодавен центар за жртви од семејно насилство, Битола; од Организација на жените на Град Скопје – ОЖС, сопствен шелтер за жени и деца жртви на семејно насилство и С.О.С. –линија 15-700 за семејно насилство 24/7 и од Организација за правата на жените „Етика“ - Гостивар - сопствен шелтер центар за жени. нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан