Амандманска расправа по предлог-законот за Jавното обвинителство
- Во рамките на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе се одржи амандманска расправа по предлог-законот за Jавното обвинителство, во второ читање.
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Во рамките на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе се одржи амандманска расправа по предлог-законот за Jавното обвинителство, во второ читање.
За предлог-законот за Jавното обвинителство се поднесени 27 амандмани од пратеничките групи, а според најавите, ќе има и комисиски амандмани.
Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов, вчера на прес-конференција информира дека 13 амандмани се поднесени од ДУИ, 10 од СДСМ и 4 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Пренџов нагласи дека со предлог-законот за Јавното обвинителство се доближуваме чекор поблиску до остварување на реформската агенда и до Европската Унија.
Предлог-законот предвидува модернизација на постојната законска рамка, воведување јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност.
Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, прецизирани критериуми за професионалност, подобрено управување со предметите и подетализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми за спречување злоупотреби.
Законот ги зголемува и стандардите за транспарентност при изборот на јавниот обвинител преку јавни седници на Советот на јавните обвинители, јавно презентирање на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека со ова законско решение се отстрануваат долгогодишни слабости во системот, како недоволна отчетност, нејасни критериуми за унапредување и бавни истражни постапки.
- Зошто беше потребна оваа реформа? Затоа што со години се наталожуваа слабости, недоволна отчетност, нејасни критериуми за унапредување, недоверба во дисциплинските механизми, бавни истраги и сомнежи на влијање. Во процесот на изготвување на законот беа оддржани дебати со поддршка на ЕУ, консултации со стручната и општата јавност преку ЕНЕР-платформата, како и усогласување со мислењата на сите релевантни институции - рече министерот.
Тој посочи дека во подготовката на законот биле вклучени препораките од ГРЕКО, Венециската комисија, Европската комисија, како и насоките од реформската агенда и патоказот за владеење на правото. Според него, донесувањето на овој предлог-закон е од круцијално значење за исполнување два чекора од реформската агенда во областа на владење на правото.
- Со новиот закон воведуваме јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите. Предлог-законот воведува поефикасен систем на оценување, при што редовното оценување ќе се врши на секои три години наместо досегашните четири. Значајна новина во зајакнувањето на транспарентност во постапката за избор на јавен обвинител на Македонија се воведува појасна, пообјективна и поефикасна дисциплинска постапка - нагласи тој. фф/
Фото: МИА Архива