• четврток, 19 март 2026

Пренџов: За предлог-законот за Jавното обвинителство поднесени 27 амандмани од пратеничките групи

Пренџов: За предлог-законот за Jавното обвинителство поднесени 27 амандмани од пратеничките групи

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - За предлог-законот за Jавното обвинителство поднесени се 27 амандмани од пратеничките групи, а ќе има и комисиски амандмани - информира на денешната прес-конференција Љупчо Пренџов, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и претседател на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

- Во текот на вчерашниот ден, по завршување на јавната расправа, имавме поднесено 13 амандмани од ДУИ, 10 амандмани од СДСМ и 4 амандмани од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а истовремено имаме најава дека ќе имаме и комисиски амандмани на самата седница - рече Пренџов.

За утре е закажана седница на Комисијата за второто читање на предлог-законот. Тој очекува до крајот на месецот предлог-законот да биде ставен на дневен ред на пленарна седница.

- Утре е второто читање на овој закон. Од она што можев првично да го видам, има амандмани што се прифатливи и тоа е добро бидејќи процесот на инклузија мора да биде приоритет за овие законски решенија. Ние можеме да се делиме на повеќе работи, можеме да имаме разни политички ставови и гледање на работите, но кога се работи за закони, како за Јавното обвинителство, кога се работи за судството, за надворешната политика, ние мораме како држава да имаме унисон став, ние мораме да го градиме преку инклузивен процес, а јавната расправа, впрочем, е тоа - рече тој.

Пренџов нагласи дека со предлог-законот за Јавното обвинителство се доближуваме чекор поблиску до остварување на реформската агенда и до Европската Унија.

- Како претседател на Комисијата за политички систем, сакам најнапред да искажам благодарност за политичките партии и до вас медиумите затоа што сметам дека е многу важно да го носиме законот за Јавното обвинителство со консензус, со инклузивност и, пред сè, го носиме со јавност. Драго ми е што оваа верзија на законот за Јавното обвинителство е од април 2025 година ставена на ЕНЕР на Влада, а од февруари оваа година е во собраниска процедура, каде што ги почитуваме сите рокови, но истовремено направивме и јавна расправа бидејќи е закон од реформската агенда, закон со кој се доближуваме чекор поблиску до остварување на оваа реформска агенда и до Европската Унија. Тоа е добро за Република Македонија и се надевам дека овој начин на носење закони, оваа транспарентност, ќе биде минимум услов за некој следен собраниски состав кога ќе носи некој следен закон за Јавно обвинителство - рече тој.

Потенцира дека во текот на вчерашниот ден, кога се одвиваше јавната расправа за предлог-законот, биле поканети многу невладини организации, кои ја обработуваат темата, како правосудство, професори, јавни обвинители, суди и адвокати и пратениците. Тие имале можност да ги слушнат сите предлози и сите забелешки од разни страни, вклучени во процесот, каде што лекс специјалис и лекс генералис го претставуваат законот за Јавното обвинителство.

- Благодарен сум на сите оние што беа директно или индиректно вклучени. Сметам дека во следниот период, како што имавме претходно јавна расправа за законите за јавната администрација, за Законот за кривичната постапка, ќе продолжиме со овие јавни расправи бидејќи добрите законски решенија ги носим, пред сè, за нас, но и за остварување на реформите и за добивањето на потребните оценки на страна на оние што нè оценуваат, а тоа е Европската Унија - истакна Пренџов. фф/вј/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан