• петок, 17 мај 2024

Во Струмица отворен ден за граѓаните по повод 75 години од формирањето на НАТО

Во Струмица отворен ден за граѓаните по повод 75 години од формирањето на НАТО

Скопје, 9 март 2024 (МИА) - По повод 75 години од формирањето на НАТО, денеска во Струмица ќе биде организиран отворен ден за граѓаните, од 12.00 до 16.00 часот, во паркот пред поранешниот Дом на Армијата.

Настанот е организиран од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во соработка со општина Струмица. Тој е дел од активностите со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата.

- На отворениот ден, присутните ќе имаат можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар и да се запознаат со дел од армиското вооружување, борбени возила и опрема со кои располагаат единиците на Армијата. Притоа заинтересираните граѓани во директна комуникација со армиските претставници ќе можат да се запознаат со техничките карактеристики на изложеното вооружување, воената опрема и воените возила меѓу кои и најновите оклопни возила од видот JLTV, информираат организаторите.

Активноста ќе биде проследена од страна на началникот на штаб од командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓорговски и претставници од локалната самоуправа.

Ова е прв од повеќето планирани настани кои ќе се реализираат во седум градови во внатрешноста и во Скопје, со кои ќе се одбележат 75 години од формирањето на НАТО и четири години членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

Покрај отворени денови за граѓаните ќе се реализираат и НАТО одбранбен форум, настан на кој земјите членки на Алијансата ќе ја презентираат својата култура и своите традиции. ир/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан