• петок, 22 ноември 2024

Отворање на меѓународниот симпозиум „Денови на Јустинијан I“ во Музејот на македонската борба

Отворање на меѓународниот симпозиум „Денови на Јустинијан I“ во  Музејот на македонската борба

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Дванаесетто по ред издание на Меѓународниот симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“ денеска ќе биде отворено во Музејот на македонската борба, со почеток во 10:00 часот. Настанот е во организација на Институтот за национална историја, Универзитет Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“.

Симпозиумот „Денови на Јустинијан I“ е традиционално поддржан и вклучен во годишната програма на Министерството за култура и туризам, како и од Италијанската амбасада, Музејот на македонската борба, МПЦ – ОА и Јустинијана Прва и винаријата „Стоби“.

На свеченото отворање свое обраќање ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на меѓународниот организациски и научен комитет, проф.д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Унивезитетот во Болоња, проф. д-р Дејан Борисов, декан на Православниот богословски факултет „св. Климент Охридски“, Анче Илиевска, директор на Музејот на македонската борба, заменик-амбасадорот на Република Италија, Марио Де Роса, Марија Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам и архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан.

- Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан I“ претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа, велат организаторите.

Симпозиумот ќе се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На шесте сесии кои ќе се реализираат во текот на двата работни дена во Музејот на македонската борба и преку онлајн платформата „Zoom“, свои реферати ќе имаат 50-на еминентни професори и научници од 19 земји, покрај нашата земја, Италија, САД, Велика Британија, Германија, Русија, Украина, Полска, Словачка, Холандија, Финска, Австрија, Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција, Унгарија,

На почетокот од работниот дел, пленарното предавање ќе има еден од најеминентните светски византолози, проф. Џонатан Шепард од Универзитетот во Оксфорд.

- Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I“, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот и пошироко. Со тоа „Деновите на Јустинијан I“, ја постигнуваат клучната цел за промоција на културното и историското наследство на Република Македонија, со што Јустинијан I станува културен и историски бренд кој ги обединува земјите и нациите кои го споделуваат византиското наследство, како и научниците од Европа и ширум светот, велат од Меѓународниот организациски и научен комитет. ир/дма/

Остани поврзан