Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски прв пат на состанок на Иницијативата за соработка во одбраната
- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски од денеска е во официјална посета на Република Хрватска, каде утре прв пат ќе учествува на состанокот на началници на генералштабови на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната (DEfence Cooperation Initiative - DECI).
Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски од денеска е во официјална посета на Република Хрватска, каде утре прв пат ќе учествува на состанокот на началници на генералштабови на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната (DEfence Cooperation Initiative - DECI).
На состанокот официјално ќе се означи и приклучувањето на Република Северна Македонија и Армијата во оваа безбедносна Иницијатива формирана под покровителство на Италија во 2012 година и во која членуваат Италија, Албанија, Австрија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Унгарија.
Иницијативата предводена од Италија е од регионален карактер и е фокусирана на соработка меѓу армиите на земјите членки на НАТО од Јадранското и Балканското подрачје кои споделуваат заеднички интереси во полето на одбраната.
-Во досегашното постоење оваа иницијатива се покажа како особено важен инструмент за зајакнување и развој на меѓусебното партнерство и соработка и е истакнат носител на активности со кои се придонесува во развојот на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот. Воедно се истакнува важноста на меѓусебната поврзаност на процесот на одбранбено планирање во рамките на НАТО и ЕУ, информираат од Генералштабот.
За времетраење на состанокот, генералот Ѓурчиновски ќе има можност да разговара со своите колеги за повеќе теми од взаемен билатерален интерес во полето на одбраната, вклучувајќи ги и актуелните безбедносни случувања, како и разговори за можностите и начините за зајакнување на дијалогот за безбедноста и стабилноста на регионот.
-Со нашето приклучување во оваа безбедносна иницијатива уште еднаш ја потврдуваме заложбата за зајакнување на соработката и безбедноста на регионално ниво, како услов за непречен просперитет на регионот, истакнуваат од Генералштабот. мч/дма/
фото: Генералштаб на Армијата