• четврток, 02 април 2026

Научници открија над 110 нови видови риби во Коралното Море кај Австралија

Научници открија над 110 нови видови риби во Коралното Море кај Австралија

Сиднеј, 1 април 2026 (МИА) - Морски истражувачи идентификуваа над 110 нови видови риби и безрбетници во длабочините на австралиското Корално Море, објави Шјинхуа.

Коралното Море се наоѓа покрај североисточниот брег на Австралија (Квинсленд) и е дом на светски познатиот Голем корален гребен - најголемиот систем на корални гребени во светот, којшто се протега на повеќе од 2.000 км. Морските таксономисти велат дека вкупниот број новооткриени видови би можел да надмине 200, бидејќи едно од најголемите истражувања за биоразличноста во длабоко море во таа област продолжува да идентификува претходно непознати организми, според соопштението објавено од Организацијата за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот (CSIRO / КСИРО) - националната научна агенција на Австралија.

Откритијата ги направија научници на истражувачкиот брод на КСИРО - именуван „Истражител“ (Investigator). Примероците биле собрани од длабочини меѓу 200 и 3.000 метри, во области на морски планини, атоли и досега слабо проучени длабокоморски гребени во морски парк што зафаќа површина од околу еден милион квадратни километри.

Главниот научник на КСИРО и експерт за ајкули, Вил Вајт изјави дека наодите се „клучни за зачувување на морската биоразличност на Австралија“. Тие вклучуваат нови видови морски ѕвезди, тн. длабокоморски мачкини ајкули (Scyliorhinidae) и химера-риби (Chimaera).

Меѓу другите позначајни откритија се и нови видови ракови, морски анемони и сунѓери. Примероците собрани за време на експедицијата ќе бидат вклучени во националните научни колекции и ќе се користат за идни истражувања, според КСИРО. Тимот, исто така, документирал богат спектар на морски живот преку употреба на длабокоморски камери. На тој начин, документирани се ретката песочна тигреста ајкула (Carcharias taurus), како и длабокоморската сива негувателска ајкула (Ginglymostoma cirratum).  си/јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан