• четврток, 11 јули 2024

НАТО објави ревидирана стратегија за вештачка интелигенција

НАТО објави ревидирана стратегија за вештачка интелигенција

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) – НАТО денеска ја објави својата ревидирана стратегија за вештачка интелигенција (ВИ), која има за цел да ја забрза употребата на технологии за вештачка интелигенција во Алијансата на безбеден и одговорен начин.

Новата стратегија се надоврзува на онаа објавена во 2021 година и го зема предвид неодамнешниот напредок во технологиите за вештачка интелигенција, како што се генеративната вештачка интелигенција и информативните алатки овозможени со вештачка интелигенција, соопшти Алијансата.

Стратегијата идентификува неколку приоритети, вклучувајќи унапредување на имплементацијата на Принципите на НАТО за одговорна употреба, зголемување на интероперабилноста меѓу системите за вештачка интелигенција низ Алијансата, комбинација на вештачка интелигенција со други новонастанати нарушувачки технологии, и проширување на ВИ екосистемот на НАТО преку поблиска соработка со индустријата и академиите на сојузниците, акцелераторот за одбранбени иновации на НАТО DIANA, Фондот за иновации на НАТО и партнерите истомисленици, се вели во соопштението.

За прв пат, стратегијата, исто така, ги идентификува дезинформациите овозможени со вештачка интелигенција, информативните операции и родово базираното насилство како прашања од интерес за Алијансата, општествата и демократиите.

Според новата стратегија за вештачка интелигенција, НАТО ќе работи на заштита од непријателска употреба на вештачката интелигенција, вклучително и преку зголемено стратешко предвидување и анализа. јт/

Фото: НАТО

Остани поврзан