• петок, 22 ноември 2024

Нарцисоидното родителство и штетните последици

Нарцисоидното родителство и штетните последици

Лос Анџелес, 5 мај 2023 (МИА) - Родителството понекогаш има негативно влијание врз менталното здравје на детето, а во повеќето такви случаи последиците се видливи дури и во зрелата возраст.

Нарцисоиден родител - склон кон манипулации, без оглед дали тие се емотивни или физички, може да го убеди детето во одредени начела за животот коишто не се вистинити, смета психологот Лиза Њуман од Лос Анџелес, Калифорнија, САД. Според неа, има неколку „токсични“, т.е. штетни уверувања што потекнуваат од нарцисоидните родители. Пред сѐ, тука е убедувањето дека „љубовта треба да се заработи“, и тоа доколку детето е „совршено“ послушно.

Имено, децата на нарцисоидни родители уште во детството „учат“ дека ќе заслужат и ќе добијат каква било пофалба или поддршка, само ако има одредена причина за тоа.

- На овој начин, љубовта не само што е условена, туку бара од децата да исполнат идеал што всушност и не може да се постигне. Кога ова погрешно верување ќе се всади во детето, може сериозно да му ја повреди самоувереноста и да влијае на неговата доверба, и во детството и подоцна, појаснува Њуман.

Покрај тоа, нарцисоидните родители го учат своето дете дека нивните потреби не се важни, бидејќи нарцисоидите обично веруваат дека тие се „најважни на светот“. Така, потребите на децата честопати се отфрлени и игнорирани. На тој начин, децата се чувствуваат „невидливи“, т.е. како нивните мисли, чувства и искуства да не се воопшто важни.

- Нарцисоидните родители, исто така, ги учат своите деца дека луѓето секогаш ќе ги разочаруваат. Имено, луѓето со нарцисоидни особини генерално се разочарани од другите луѓе, често затоа што овие не им се восхитуваат на начинот на којшто го очекуваат или сакаат тоа, објаснува психологот.

Меѓу последиците e и тоа што децата потоа се уверени дека довербата, како и интимната врска со другите, се несигурни и секогаш разочарувачки.  си/

Фото: МИА.

Остани поврзан