• понеделник, 25 ноември 2024

Народна банка: Економскиот раст 2,3 отсто, инфлацијата 3,5 проценти

Народна банка: Економскиот раст 2,3 отсто, инфлацијата  3,5 проценти

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските согледувања, предвидува Народната банка. Според есенските макроекономски проекции, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3 отсто, а за наредната на 3,3 проценти. На среден рок, оцените за растот се непроменети. Во периодот 2026 ‒ 2027 година се очекува натамошно забрзување на растот, согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни. 

Како што соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2 отсто при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија. 

-И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4 отсто), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1 процент од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2 отсто од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво што е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута, истакна гувернерката, презентирајќи го најновиот квартален извештај во кој, рече, макроекономската слика за македонската економија не е значително променета во споредба со априлските проекции. 

Според Ангеловска-Бежоска, банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на годинава се очекува кредитниот раст да биде стабилен и да изнесува 7,5 отсто.

- Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2 отсто за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидноса позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9 проценти, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7 отсто, во просек, рече гувернерката.

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. 

-Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка почна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност, заклучи Ангеловска-Бежоска. мч/бак/

Фото: Народна банка

Остани поврзан