• понеделник, 23 декември 2024

Над 40 работници во тетовска печатница повеќе од половина месец чекаат да им се реши работниот статус

Над 40 работници во тетовска печатница повеќе од половина месец чекаат да им се реши работниот статус

Тетово, 3 јануари 2024 (МИА) - Синдикалната организација на вработените во тетовската печатница Напредок бараат институциите да преземат мерки и се реши нивната состојба со оглед дека од декември 2023 година не работат, а чекаат плати од август 2023 година. Тие побарале од сопственичката структура да им го реши статусот и да им исплати плати, придонеси и К15, но сè уште тоа не е направено.

- Печатницата како правен субјект е поделен на две фирми, Напредок 1 и Напредок Принт, чиј пак сопственик е компанијата Просветно дело. Во декември од Просветно дело се изјаснија дека нема да работи печатница Напредок и 15 декември 2023 немаме репроматеријали и не работиме. Ние сме принудени да доаѓаме на работа за да се реши статусот и да ги добиеме неисплатените плати. Досега преку кажан збор имавме неколку најави дека ќе има исплата, но во пракса нема ништо со образложение дека нема пари, дека сметки се блокирани, дека УЈП не работи и слично, информираше на денешната средба со новинарите, Живе Ќировски, претседател на синдикалната организација на вработените во печатницата.

Вработените во тетовска печатница Напредок во текот на годината неколку пати преку медиумите бараа реакција од државата затоа што со години нередовно примаат плати и немаат здравствено осигурување. Проблемите, според нив се почнати од 2020 година.

- Напредок Принт нема земено плата за август, септември, октомври, ноември, декември и К15, а Напредок 1 нема земено плата за октомври, ноември, декември и К15. И здравствено осигурување немаат работници. Ние не знаеме како ќе биде решен нашиот статус, ние доаѓаме на работа, не работиме не придонесуваме затоа што нема репроматеријали. Ние доаѓаме на работа затоа што статусот не ние сменет освен поранешните договори за работа. Дали ќе бидеме технолошки вишок прогласени, дали ќе оди во стечај, сите ние сме во исчекување, истакна Живе Ќировски.

За барањата на работниците и синдикатот, МИА го побара Сашо Ангелевски, кој работниците го посочија дека е поставен за управител. Ангелевски во телефонски разговор посочи дека сопственикот ќе се произнесе за состојбата.

- Во моментот сопственикот не е тука, ќе добиете од него изјава, ќе ве контактира за кратко време, истакна Ангелевски.

Печатницата Напредок во Тетово постои од 1948 година како државна фирма која во 1989 преминала во акционерско друштво. Од 2006 година е приватизирана со продажба на акциите. ас/сст/
фото МИА 

Остани поврзан