• петок, 20 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
9 септември 2020 (МИА) 1087.- Умре англискиот крал Вилијам Први, наречен Вилијам Освојувачот, кој пред доаѓањето на престолот во 1066 година беше нормански војвода. Тој е првиот нормански крал на Англија, творец на англискиот феудализам. Како англиски монарх ги конфискувал имотите на англосаксонското благородништво. Ова негово освојување го означи почетокот на новата епоха во историјата на Англија. 1513.- Загина шкотскиот крал Џејмс Четврти во битката против Англичаните кај Флудена, по упадот во покраината Нортамберленд. Во битката неговите сили доживеаја огромен пораз. На престолот дојде во 1488 година, наследувајќи го својот татко Џејмс Трети, кој беше убиен од побунетите. Набрзо тој ги скроти побунетите и на земјата и обезбеди внатрешна стабилност, а ја зацврсти и монархијата. За него кобна беше обновата на непријателството со Англичаните која кулминираше со инвазија на Нортамберленд. 1585.- Роден е францускиот државник, кардиналот Ришел, кој како семоќен министер за надворешни работи и војска, на кралот Луј Тринаесетти му постави цел Франција да ја направи прва сила во Европа. Градејќи апсолутистичка монархија го ограничи влијанието на црквата, папата и на благородништвото. Го задуши востанието на хугенотите и ги лиши од политички права, но им ја остави верската слобода. Земјата ја воведе во Триесетгодишна војна со цел да ја ослабне моќта на Германското царство (Хабзбург). Во текот на верската војна Франција, иако е католичка земја, војуваше на страната на протестантите. Го продолжи колонијалното ширење на Франција и почна со колонизација во Северна Америка (Квебек). Помогна во развојот на земјоделството, трговијата и образованието. Во 1635 година ја основа Француската академија. 1737.- Роден е Луиџи Галвани, италијански физичар. Како прв професор по анатомија на Универзитетот во Болоња го откри галвановиот електрицитет. Според него се наречени еднонасочните електрични струи и голем број електрични процеси и постапки. Умрел во 1798 година. 1776.- Воведен е  официјалниот назив Соединети Американски Држави наместо Обединети Колонии кој дотогаш беше во употреба. 1828.- Во Јасна Полјана е роден Лав Николаевич Толстој, руски писател, ненадминат раскажувач, романописец, драматичар и општествен реформатор. Делата ги создаваше спонтано и според уметничка совест, донесувајќи поетска целосна вистина. Како аналитичар и просветител се истакнува со делото "Војна и мир". Неговите дела и идеологија значително влијаеја врз европската мисла и литература. Умре во Астатово, на 20 ноември 1910 година. 1835.- Во Франција се усвоени т.н. „септемвриски закони“ со цел сузбивање на радикалното левичарско движење и воведување цензура во печатот. 1898.- Умре францускиот писател Стефан Маларме, кој значително влијаеше врз наредните генерации на француските литерати. Дело: „Песни и проза“. 1901.- Умре Анри де Тулуз-Лотрек, француски сликар, голем мајстор на литографијата чии омилени мотиви беа личности и настани од ноќниот живот на Монпаранс во Париз. Роден е во Париз, на 24 јуни 1864 година. 1914.- Со успешна контраофанзива на француските трупи, потпомогнати од британскиот експедициски корпус, во Првата светска војна по четири дена тешки борби заврши првата голема битка на реката Марна во Франција. Во битката германската загуба е проценета на 800.000 луѓе. 1920.- Во Тетово е роден Тодор Циповски - Мерџан, народен херој на Југославија, од Македонија. Во борбата против балистите загина во селото Белчица, Мавровско, на 19 септември 1944 година. 1944.- Царството Бугарија капитулира по пробивот на единиците на Црвената армија и по избувнувањето на народното востание. - Национален празник на Бугарија. 1948.- По повлекувањето на советската војска, на север на Корејскиот Полуостров прогласена е Демократска Народна Република Кореја. Национален празник на Демократска Народна Република Кореја. 1976.- Во Пекинг умре Мао Це Тунг, кинески револуционер, теоретичар и државник. Тој е основач на првите марксистички групи во земјата и еден од основачите на КП на Кина, која под негово водство ги освои клучните победи во ослободителната војна против јапонската инвазија и во Големата кинеска револуција. Роден е на 26 декември 1893 година. 1984.- Во Париз умре Јилмаз Гинеј, турски синеаст и писател, еден од најталентираните светски филмски творци. Роден е во 1937 година. 1991.- Советската Република Таџикистан  прогласи  независност. 1993.- Израел и ПЛО се договорија за меѓусебно признавање. 1994.- Започна со работа Постојаната мисија на Република Македонија при Обединетите нации во Виена. 1994.- Кај Питсбуг, Пенсилванија, во САД, се урна американски авион од типот „боинг 737“, при што загинаа сите 131 патник и членови на екипажот. 1996.- Воспоставени се целосни дипломатски односи меѓу СР Југославија и Република Хрватска. 1999.- Во експлозија на бомба која во Москва во станбена зграда ја подметнаа чеченски исламски терористи загинаа најмалку 94 луѓе. 2001.- Смртно е ранет Ахмад Шах Мусад, долгогодишен водечки герилски командант во Авганистан во борбата против владејачките талибанци. Масуд умре пет дена подоцна. 2003.- Умре американскиот нуклеарен физичар Едвард Телер, наречен „татко на хидрогенските бомби“, еден од најистакнатите физичари на 20. век. Докторираше во 1930 година во Лајпциг, каде заедно со Вернер Хајзенберг го поставија темелот на нуклеарна физика. 2004.- Во Флинтриџ, Калифорнија, САД, умре Френк Томас, легендарен аниматор на "Волт Дизни". Работеше на речиси сите познати анимирани филмови на Дизни, од "Снежана и седумте џуџиња" до "Пинокио" и "Бамби". Роден е во 1912 година. 2015.- Британската кралица Елизабета Втора одбележува 63 години и седум месеци на престолот, што претставува најдолг „стаж“ на еден монарх во историјата на Велика Британија. Кралицата, која има 89 години, го надмина досегашниот рекорд што до денеска го држеше нејзината чукунбаба, кралицата Викторија. Според прецизните пресметки што се направени, попладнето во 17,30 часот по британско време, кралицата ќе биде 23.226 денови, 16 часови и 30 минути на престолот на Обединетото Кралство. На престолот таа се наоѓа откако го наследи својот татко, кралот Џорџ Шести, кој почина на 6 февруари 1952 година. ###

Остани поврзан