• вторник, 05 ноември 2024
На денешен ден
6 март 2022 (МИА)   1475.- Во Капресе, Тоскана, е роден Буонароти Микеланџело (вистинското име му е Микеланџело ди Лодовико ди Леонардо ди Буонарото Симони), италијански скулптор, сликар, градител и поет, великан на италијанската уметничка ренесанса, еден од најголемите уметнички гении во целата историја на цивилизацијата. Своите најпознати скулпторски и сликарски дела ги создал во Рим и во Ватикан, меѓу кои се истакнуваат монументалната базилика на Свети Петар во Рим, фреските на Сикстинската капела во Ватикан, и скулптурите „Мојсеј“, „Давид“, „Пиета“, „Бахус“, „Робови“ и други. Умрел во Рим, на 18 февруари 1564 година. 1619.- Роден е францускиот писател Савинијен Сирано де Бержерак. Во 1640 година бил тешко ранет поради што ја напуштил војската во која бил исклучителен мечувалец. Напишал по една комедија и една тратегија, пишувал песни, но најпознат е по делото „Другиот свет“ во кое го опишува патувањето на Месечината и Сонцето. 1836.- По тринаесетдневната опсада, мексиканските војници ја зазеле тврдината Аламо, во Сан Антонио, во Тексас. Тогаш, заедно со 189 бранители на тврдината, загинал и легендарниот американски херој Дејвид Крокет. 1874.- Роден е Николај Александрович Берѓаев кој станал најпопуларен руски филозоф на Запад. Умрел во Франција, во 1948 година. Дела: „Христијанството и класната борба“, „Смислата на историјата“, „Филозофија на слободата“, „Човекот и машината“, „Изворите и смислата на рускиот комунизам“, „За човековото ропство и слобода“. 1900.- Умрел германскиот инженер Готлиб Вилхелм Дајмлер, кој во 1883 година го конструира првиот автомобилски мотор на бензин. Овој мотор им овозможил на возилата да постигнат брзина од 18 километри на час. Во 1890 година ја основал компанијата „Дајмлер Мотрен-Гезелшафт“, која 26 години по неговата смрт се обединила со фабриката на Карло Бенц во компанија под името „Дајмлер-Бенц“, производител на престижните автомобили „мерцедес“. 1926.- Роден е полскиот филмски режисер Анджеј Вајда, втемелувач на субјективниот реализам. Тој бил главен претставник на „црниот бран“ на полскиот филм во педесеттите години од 20. век. Филмови: „Генерација“, „Канал“, „Пепел и дијамант“. „Лотна“, „Самсон“, „Прав“, „Свадба“, „Ветена земја“, „Госпоѓи од Вилко“, „Диригент“, „Човек од железо“, „Дантон“, „Една германска љубов“. 1937.- Родена е Валентина Владимировна Терешкова, советски космонаут, прва жена која летнала во вселената со вселенскиот брод „Восток 6“ и од 16 до 19 јуни 1963 година ја обиколила Земјата 48 пати, поминувајќи 1.960.000 километри. 1944.- Полетувајќи од воздушната база во Велика Британија, 658 американски бомбардери во Втората светска војна почнале со деноноќно бомбардирање на Берлин. 1950.- Умрел францускиот државник Албер Лебрен, претседател на Франција од 1932 до 1940 година. Како последен претседател на Третата република, по нацистичката окупација во Втората светска војна бил принуден власта да и ја предаде на марионетската влада на маршалот Петен. 1967.- Умрел унгарскиот композитор Золтан Кодаљ, кој заедно со Бел Барток се најзначајните унгарски музички творци на 20 век, во чии дела е препознатлива мелодиката и ритамот на народната музика. Напишал студија за унгарскиот музички фолклор и издаде збирка на народни песни. Дела: кантата „Psalmus hungaricus“, сценска музика „Хари Јанош“, оркестарско дело „Игри од Галанте“. 1973.- Во Данби умрела Перл Бак, прочуена американска писателка. Светска слава стекнала со своите романи за животот на кинескиот народ. Најпознати нејзини дела се „Добра земја“, „Мајка“, „Исток – запад“, „Змејово семе“, „Синови“. Добитник е на Пулицеровата награда во 1931 година и на Нобеловата награда за литература во 1938 година. Родена е на 26 јуни 1892 година. 1978.- Почнало емитувањето на Втората програма на Телевизија Скопје. 1980.- Француската писателка Маргарет Јурсенар била избрана за член на Француската академија на науките. Со тоа таа влегла во историјата како прва жена, член на таа академска француската институција. 1994.- Умрела грчката актерка Мелина Меркури, која била многу ангажирана во шеесеттите години во борбата против воената хунта, а потоа била министер за култура во владата на грчките социјалисти. Филмови: „Стела“, „Оној кој мора да умре“, „Циган и џентлмен“, „Никогаш во недела“, „Федра“, „Победници“, „Еднаш не е доволно“, „Маја и Бренда“, „Лизистрата“, „Слатка приказна за младоста“. 1996.- Собранието на Република Македонија за нов претседател (по оставката на Стојан Андов) на Собранието на Република Македонија го избрало Тито Петковски. 1997.- Најголемата штедилница во Република Македонија - ТАТ, со седиште во Битола, била ставена под принудна управа на Народната банка на Македонија. 2000.- Вршителот на должноста претседател на Русија Владимир Путин не ја исклучил можноста Русија еден ден да стане членка на НАТО, под услов на „Русија да се гледа како на рамноправен партнер“, нагласувајќи дека за неговата земја „изолационизмот не е опција“. 2005.- Умрел американскиот научник Ханс Бате, добитник на Нобеловата награда за физика во 1967 година и еден од творците на атомската бомба. 2006.- Почнало судењето на Закариј Мусауи (38), во окружниот суд во Вирџинија, единствениот човек кој во САД е обвинет за директна врска со терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година. За време на нападот бил во затвор, но лажејќи ги инспекторите го спречил навременото откривање на заговорот. Мусауи ја шокирал поротата кога на 28 март на судењето рекол дека требало да управува со петтиот авион чија мета била Белата куќа. 2007.- Најмалку 100 ирачки шиитски верници загинаа, а 160 биле ранети во двата самоубиствени напада со експлозија во градот Хила, на околу 95 километри јужно од Багдад. 2007.- Умрел Жан Бодријар, француски филозоф, постмодернист и постструктуралист. Негово најпознато дело е „Да се заборави Фуко“, објавено во 1977 година, кое било едно од 20-те дела кои ги напиша. Последното негово објавено дело е „Кула на сеќавањата“. 2021.- На 81-годишна возраст почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1990 до 1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи во областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област. Академик Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје.   ###

Остани поврзан