• понеделник, 23 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
13 јуни 2021 (МИА) 323 г.п.н.е.- Во Вавилон умрел Александар Македонски, син на Филип Втори Македонски и на Олимпија, ученик на Аристотел. Со своите походи, на кои неговата војска за осум и пол години мина 18.000 километри, создаде држава каква што не постоела според пространство ниту пред него, ниту по него. Роден бил во Пела, на 22 јули 356 г.п.н.е. 1831.- Во Единбург е роден Џемс Кларк Максвел, англиски физичар, најголем теоретски физичар на 19 век. Тој ги поставил теоретските основи на радиобрановите. Умрел во 1879 година. 1865.- Роден е ирскиот писател Вилијам Батлер Јејтс, добитник на Нобеловата награда за литература во 1923 година. Дела: „Ветер во трска”, „Островчиња на езерото Инисфри”, „Грофицата Кетлин”, „Мачка и месечина”, „Автобиогарфија”. 1894.- Пуштена била во сообраќај железничката пруга Битола - Солун. 1897.- Роден е финскиот тркач Паво Нурми, кој на долги патеки освоил девет златни медали на Олимписките игри во 1920, 1924 и во 1928 година. Соборил 29 пати светски рекорди. 1899.- Роден е мексиканскиот композитор и диригент од индијанско потекло Карлос Чавез, основач на Симфонискиот оркестар на Мексико. Истражувајќи го мексиканскиот музички фолклор бил доминантна музичка фигура на 20 век во Мексико. Компонирал симфонии, балети, камерна музика, клавирски композиции. 1905.- Во Нешвил бил роден Адолфус Док Читам, американска џез-легенда, водечки трубач во оркестарот на Кејб Кедовеј. Умрел во Џорџтаун, на 2 јуни 1997 година. 1905.- Во Првата светска војна Германците усмртиле 162 жители на Лондон, во првото масовно бомбардирање на британската престолнина од воздух при што учествувале 14 бомбардери од типот „Гота”. 1940.- Париз бил прогласен за “отворен град” во Втората светска војна, а веќе утредента германските трупи го зазеле. 1943.- Роден е англискиот филмски актер Малколм Мекдауел кој главно толкувал улоги на арогантни, асоцијални и неморални ликови. Филмови: „Ако”, „Пеколниот портокал”, „Среќен човек”, „Ројал флеш”, „Калигула”. 1943.- Во месноста Лопушник, Кичевско, во близина на партизанската печатница, загинал Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература. Телото на Кочо Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки биле пренесени во родниот Велес. Најпознато негово дело е збирката песни “Бели мугри”. Роден е во Велес, на 22 декември 1908 година. 1956.- Последните британски трупи ги напуштиле базите кај Суецкиот Канал, препуштајќи му го, по 74 години, овој воден пат на Египет. 1982.- Умрел кралот на Саудиска Арабија, Калид ибн Абдул Азиз, кој го наследил престолонаследникот Фахд. 1983.- Американскиот вселенски брод „Пионир 10” поминувајќи покрај Нептун станал првото летало направено со човечка рака кое излегло надвор од Сончевиот систем. 1986.- Во Њујорк умрел Бени Гудман, американски великан на џезот и кларинетист. Роден е во 1909 година. 1993.- Ким Кемпбел станала прва жена премиер во историјата на Канада. 1993.- Во Скопје умрел Васил Куновски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 година) е песната „Волшебното ливче“, а последната е публикувана во 1984 година со наслов „Оро весело“ (поезија за предучилишна возраст). Роден бил во Дебар, на 20 ноември 1916 година. 2003.- Усвоен бил Нацрт-уставот на Европската унија. 2003.- Во селото Дрслајца, Струшко, умрел Крсте Чачански, македонски писател. Првата негова објавена книга е „Бреговина“ (поезија, 1972 година), а последна „Книга на небото“ (роман, 2000 година). Носител бил на значајни книжевни награди, меѓу кои и на „Рациновото признание“. Роден бил во село Дрслајца, на 25 септември 1949 година. 2006.- На 82-годишна возраст во Охрид починал познатиот македонски ликовен уметник Вангел Наумовски. Со своето творештво Наумовски во 60-тите години на дваесеттиот век станал познат не само во Македонија, туку и во европски и светски рамки. Охрид и особено езерскиот имагинарен свет постојано се присутни во делата на Наумовски. Покрај ликовно творештво, тој остави траги и со својот литературен ангажман. 2008.- Талибанските бунтовници во воздух ја кренале главната порта на најголемиот затвор во авганистанскиот град Кандахар, при што од затворот побегнале речиси сите затвореници, а ги имало околу 1.150, меѓу кои и 400 талибанци. 2008.- Умрел американскиот новинар Тим Расерт. Бил шеф на Бирото на телевизијата Ен-Би-Си (НБЦ) во Вашингтон, познат и како домаќин на политичката емисија „Средба со печатот” која ја водел од 1991 година. Пред новинарската кариера, Расерт работел во американскиот Сенат. Автор бил на повеќе популарни високотиражни публицистички книги. ###

Остани поврзан