На денешен ден
- 1507.- Роден е шпанскиот војсководец Фернандо Алварес де Толедо Алба, кој како намесник на Холандија со инквизиторски терор во 1565 година ја предизвикал војната за ослободување, која завршил
29 октомври 2020 (МИА)
1507.- Роден е шпанскиот војсководец Фернандо Алварес де Толедо Алба, кој како намесник на Холандија со инквизиторски терор во 1565 година ја предизвикал војната за ослободување, која завршила во 1581 година, со нејзино отцепување од Шпанија. Во 1581 година ја освоил Португалија во која исто така направил крвопролевања.
1811.- Роден е францускиот социјалист-утопист Жан Жозеф Шарл Луј Блан, кој тврдел дека социјалистичкото општество може да биде создадено по мирен пат, со помош на државата, со основање на „здружени работилници“ и земјоделски комуни. Дела: „Организација на работата“, „Истoрiја од десет години 1830-1840“, „Историја на Француската револуција“.
1814.- Првиот воен брод на пареа „Фултон“ кој го конструирал Роберт Фултон, испловил од њујоршкото пристаниште.
1888.- Во Цариград била потпишана Конвенцијата за Суецкиот канал, според која „Каналот требало да биде слободен и отворен за сите трговски и воени бродови без разлика на знамето, како за време на војна така и во мир“. Тоа било почитувано, освен во војната кога Каналот бил затворен за непријателската Велика Британија, тогаш „тутор“ на Египет.
1889.- Умрелч рускиот писател, книжевен критичар и естетичар Николај Гаврилович Чернишевски, кој создал естетички систем и силно влијаниел на руската литература во 19. век. Поради пропагирањето на идејата за селанска револуција и утописки социјализам бил прогонет во Сибир. Во романот „Што да се прави“ силно ги пропагирал социјалситичко-утописките погледи на проблемите за брак, семејство, еманципација на жените и општествените идеали.
1910.- Роден е англискиот филозоф Џулс Алфред Ејер, чија книга „Јазик, вистина и логика“ е своевиден манифест на логичкиот позитивизам. Дела: „Засновање на емпериското знаење“, „Проблем на сознанијата“.
1911.- Умрел американскиот новинар од унгарско потекло Џозеф Пулицер, основач на „жолтиот печат“, чија фондација секоја година ја доделува „Пулицеровата награда“ за новинарство, карикатура, американска историја, поезија, драма, роман и музика. Како млад емигрирал во САД, каде учествувал во Американската граѓанска војна и бил биран во Конгресот. На унивезитетот „Колумбија“ во 1903 година ја основал првата новинарската школа.
1923.- Турција била прогласена за Република. - Национален празник на Турција. Генералот Мустафа Кемал од 1930 година наречен Ататурк бил првиот претседател на Република Турција.
1929.- Крахот на Њујоршката берза, познат како „црн вторник“ го означил почетокот на големата криза на американското стопанство во која големи банки и моќни компании отишле во стечај, а неколку илјади луѓе биле доведени до просјачки стап. Со тоа се создала ерата на самоубиства, големи недоверби и крајна безнадежност. Индустриското производство паднало на ниво од почетокот на векот, а без работа останале 26 милиони луѓе.
1940.- Во Ленинград (Санкт Петерсбург) умрел Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог. Бил иницијатор и прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво, основано во Петроград во 1902 година. Го основал и Национално-просветното (1912) и Руско-македонското друштво (1914) во Петроград, а во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издавал списанието „Македонски голос“. Роден бил во селото Папрадиште, Велешко, во 1878 година.
1944.- Во селото Горно Врановци, Велешко, излегол првиот број на весникот „Нова Македонија“ на македонски јазик, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Вториот број излегол во ослободениот град Битола, а од третиот број излегувал во Скопје. Излегувањето на овој весник било од исклучително значење за развојот на современото македонско новинарство.
1950.- Умрел шведскиот крал Густав Петти, кој во текот на владеењето од 1907 година до неговата смрт и осигурил неутрален статус на Шведска во двете светски војни.
1962.- САД се откажале од поморската блокада на Куба на барање на генералниот секретар на ОН У Тант. САД ја блокирале Куба заради инсталирање на советско воено оружје на островот, со што била предизвикана Карипската криза, која завршила претходниот ден со договор помеѓу американскиот и рускиот лидер Џон Кенеди и Никита Хрушчов.
1964.- Обединетата република Тангањика, Занзибар и Пемба го променила името во Танзанија.
1975.- Во Скопје умре Ристо Крле, македонски писател и драматург. Неговото дело има големо значење за македонската драмска литература. Драмите „Парите се отепувачка“, „Милиони маченици“ и „Антица“, создадени пред Втората светска војна, претставуваат своевиден блесок и се придружиле кон творештвото на Антон Панов и Васил Иљоски. По војната ги напишал уште и драмските дела „Гроф Миливој“ и „Велик ден“, како и фрагментарно објавената биографија. Роден бил во Струга, на 3 септември 1900 година.
1989.- Во Скопје умре Димитар Гешовски, еден од најпознатите македонски актери. Во својата богата актеричка дејност остварил над стотина театарски, телевизиски и филмски ликови. Роден бил во Прилеп, на 14 септември 1928 година.
1993.- Прифатена била нотификацијата на Република Македонија со која се пристапува кон Виенската конвенција за патниот сообраќај од 1968 година. Тоа значело дека возилата регистрирани во Република Македонија од овој датум ќе ја носат ознаката „МК“.
1995.- Умрел Киро Поповски, основоположник и прв претседател на Социјалистичката партија на Македонија. Смртта го затекнала на функцијата потпретседател на Собранието на Република Македонија која ја извршувал од 1991 година. Киро Поповски бил роден во тетовското село Вратница на 13 април 1942 година.
1996.- Во Виена била одржана аукција на околу 8.000 слики, скулптури и други уметнички дела кои од австриските Евреи во Втората светска војна ги одзеле австриските и германските нацисти, а приходот бил наменет за луѓето кои го преживеале холокаустот.
1998.- Ветеранот на американската астронаутика Џон Глен во 77 година од животот повторно полетал во вселената, 36 години по неговата прва вселенска мисија.
1998.- Република Македонија ја потпишала Конвенцијата за забрана на нуклеарни проби.
2002.- Државниот обвинител покренал обвинение против претседателот на Никарагва Енрике Боланосо и потпретседателот Хосе Ризо поради изборни измами. Тоа бил прв случај во историјата на таа централноамериканската земја кривичното дело да е на товар на шефот на државата додека ја обавувал должноста.
2004.- Во Рим, лидерите на Европската унија го потпишале првиот Устав на Европската унија, чија цел била блокот од 25 земји да има поважна улога на светската сцена.
2011.- Во Париз француската компанија за информатичка технолигија „Аериал Консеј“ го отворила првиот саем на интернет во светот.
2015.- На 86-годишна возраст во Белград починал легендарниот кошаркарски тренер Ранко Жеравица. Жеравица со репрезентацијата на СФР Југославија освоил злато на Олимписките игри 1980 година и на Светското првенство во 1970 година, а сребро на Игрите во 1968 година, на Светското првенство 1967 и на европските во 1969 и 1971 и бронзи на СП 1982. Во тренерската кариера Жеравица ги предводел Партизан, Барселона, Пула, Црвена ѕвезда, Сарагоса, Десио, Наполи, Конзервас, Сплит, Јувеказерта. Како тренер работел до 2003 година. Жеравица бил примен во Куќата на славните во 2007 година. Роден бил на 17 ноември 1929 година во Драгутиново.
2019.- Почина првиот и единствен министер за спорт во Република Македонија, Георги Боев (84). Тој беше дел од владиниот кабинет на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски формиран во 1998 година. Боев беше член на ВМРО ДПМНЕ. Георги беше редовен професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје на катедрата по гимнастика.
###