• сабота, 21 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 јуни 2021 (МИА)  - Денеска е Меѓународен Олимписки ден 1533.- По неуспешната опсада на Виена во 1529 година и безуспешниот поход на престолнината на Австрија во 1532 година, турскиот султан Сулејман Втори со Австрија морал да потпише договор за мир. 1874.- Воспоставена била првата телефонска врска помеѓу Бразил и Европа. 1898.- Роден е германскиот писател Ерих Марија Ремарк (вистинското име му било Ерих Паул Крамнер). Дела: „На запад ништо ново“, „Враќање“, „Тројца воени другари“, „Небото не знае за милениците“, „Искра на животот“, „Триумфална порта“, „Љуби го својот ближен“, „Време на животот и време на смртта“. 1904.- На врвот Лингура, кај селото Долно Ѓуѓанце, Светиниколско, здружените чети на Славејко Арсов и на Атанас Бабата воделе тешка борба против турската војска. Во судирот загинале голем број македонски борци, меѓу кои и војводата Славејко Арсов (роден е во селото Ново Село, Штипско, на 17 август 1878 година), а Атанас Бабата бил тешко ранет. Турската војска имала 60 загинати и многу ранети војници. 1906.- Роден е американскиот филмски сценарист, продуцент и режисер од австриско потекло Били Вајлдер. Наградуван е на фестивалите во Кан и во Венција, а освоил и неколку Оскари. Филмови: „Пропаднат излет“, „Булевар на самракот“, „Сабрина“, „Духот на Сент Луис“, „Љубов попладне“, „Некои тоа го сакаат жешко“, „Апартман“, „Еден, два, три“, „Слатката Ирма“, „Приватниот живот на Шерлок Холмс“, „Федора“, „Седум години верност“. 1907.- Во Рим е роден Алберто Моравија, италијански писател. Најпознати негови дела се „Рамнодушни луѓе“, „Конформист“, „Римјанка“, „Презир“, „Чочара“ и „Римски приказни“. Умрел во Рим, на 26 септември 1990 година. 1913.- Во Санкт Петербург излегол првиот број на списанието „Македонски голос“ („Македонски глас“), орган на приврзаниците на независна Македонија. Списанието излегувало на руски јазик. Само песната „Крали Марко“ во бр. 9/1914 година била на македонски јазик, мијачки дијалект. Издавач на списанието бил Димитрија Чуповски. Списанието престанало да излегува на 3 декември 1914 година, заклучно со бројот единаесет. 1941.- Во раните утрински часови, Хитлерова Германија го нападнала Советскиот Сојуз. Копнените и воздушните борби го зафатиле целиот фронт од Црно Море до Балтичко Море, со содејство на околу 200 пешадиски и механизирани нацистички дивизии определени за секавична војна. 1941.- Италија и Романија му објавиле војна на Советскиот Сојуз во Втората светска војна. 1949.- Родена е американската филмска актерката Мери Луиз, позната како Мерил Стрип, добитничка на Оскар за филмовите „Јулија“, „Крамер против Крамер“ и „Софиевиот избор“. Други филмови: „Ловец на елени“, „Менхетен“, „Сенатор“, „Девојката на францускиот поручник“, „Моја Африка“, „Музика на моето срце“. 1964.- Во Ексетер, Њу Хемпшир (САД) е роден е Ден Браун, американски писател на трилери, најпознат по бестселерот од 2003 година „Кодот на да Винчи“. Романите на Браун, кои се потраги по богатство сместени во период од 24 часа, обработуваат споредбени теми како криптографија, клучови, симболи, кодови и теории на заговор. Неговите книги се преведени на повеќе од 40 јазици и заклучно со 2009 продадени во повеќе од 80 милиони примероци. Други дела: „Дигитална тврдина“, „Ангели и демони“, „Точка на измама“ и „Изгубениот симбол“. 1969.- Умрела американската филмска актерка и пејачка Џуди Гарланд, која се прославила уште како девојче со улогата во филмот „Волшебникот од Оз“, за која добила Оскар. Прекрасно ги толкувала улогите во филмовите на Винсент Минели, еден од петте нејзини сопрузи, а нивната ќерка Лајза Минели исто така остварила прекрасна пејачка и актерска кариера. Други филмови: „Бебе во војска“, „Да основаме оркестар“, „Бебе на Бродвеј“, „Малата Нели Кели“, „Сретни ме во Сент Луис“, „Часовник“, „Пират“, „Ѕвездата е родена“. 1976.- Во Долниот дом на канадскиот Парламент било изгласано укинување на смртната казна. 1992.- Костурите идентификувани како земни остатоци на рускиот цар Николај Втори и на неговиот малолетен син Александар биле пронајдени близу рускиот град Екатеринбург (во советското време Свердловск). По наредба на Ленин, водачот на Октомвриската револуција, болшевиците во летото 1918 година во Екатеринбург го стрелале целото царско семејство - царот, царицата, нивните пет деца, личниот лекар и послугата. 1995.- Во Брисел, министрите за надворешни работи на Русија, Андреј Козирев и заменикот генерален секретар на НАТО Серџо Баланзино го потпишале документот на „Партнерство за мир“. 1999.- Претседателот на САД Бил Клинтон ја посетил Република Македонија. Ова била прва посета на претседател на САД на Република Македонија. 2001.- Македонските безбедносни сили ја почнале решавачката офанзива за чистење на теренот од албанските терористи во селото Арачиново, Скопско. 2018.- Вини Пол Ебот, еден од основачите на хеви метал бендот Пантера, почина на 54-годишна возраст. Вини Пол го основаше бендот заедно со неговиот брат, Дерел „Дајмбег“ Ебот, кој беше застрелан во 2004 година за време на концерт од страна на душевно пореметен посетител. ###

Остани поврзан