На денешен ден
- 1903.- Во селото Баница, Серско, Егејска Македонија, во борба против османлиската војска загинал Гоце Делчев, еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот на
4 мај 2020 (МИА)
- Денеска е Светски ден на борба против астмата
1903.- Во селото Баница, Серско, Егејска Македонија, во борба против османлиската војска загинал Гоце Делчев, еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19-от и во почетокот на 20-от век. Роден е во Кукуш, Егејска Македонија, на 4 февруари 1872 година.
1912.- Кај селото Фариш, во Дреновската Клисура, Кавадаречко, од турските банди подмолно бил убиен Пере Тошев, македонски револуционер и еден од основоположниците на ТМОРО во Битолскиот револуционерен округ и учесник во Илинденското востание од 1903 година. Роден бил во Прилеп, во 1865 година.
1928.- Роден е египетскиот државник Хосни Мубарак. Станал претседател на Египет во 1981 година, по убиството на Анвар ел Садат.
1929.- Родена е американската актерка со холандско потекло Еда фан Хемстра Хепберн, позната како Одри Хепберн, амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Играла во филмовите „Празник во Рим“ (Оскар), „Појадок кај Тифани“, „Сабрина“, „Војна и мир“, „Љубов попладне“ и други.
1970.- Американската Национална гарда убила четворица и повредила 11 студенти од Универзитетот Кент во државата Охајо кои демонстрираа против Виетнамската војна.
1979.- Во Скопје умрел Бранко Заревски, македонски поет, критичар и еден од доајените на македонското новинарство. Роден бил во Битола, на 19 ноември 1920 година.
1980.- Во Љубљана умрел Јосип Броз Тито, претседател на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, претседател на Сојузот на комунистите на Југославија, маршал на Југославија и врховен командант на вооружените сили на СФРЈ. Роден бил во селото Кумровец, Хрватско Загорје, во 1892 година.
1993.- Република Македонија и Македонски пошти биле примени во членството на Меѓународната унија за телекомуникација - специјализирана организација на ООН во областа на телекомуникациите со седиште во Женева.
1999.- Во Охрид умрел Трајан Мартиновски, македонски поет и есеист. Првата книга поезија што ја објави во 1982 година е „Премолчено време“, а последниот негов труд, објавен во 1999 година, е „Златен венец на спомените“. Роден бил во селото Нерези, Струшко, на 19 февруари 1951 година.
2001.- Во Скопје на 78-годишна возраст умрела Васка Илиева, една од најпрочуените пејачки на македонски народни песни. Меѓу многубројните антологиски хитови и денес препознатливи се „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Излегол Невен Пејо“, „Сестра моли брата за вечера“, „Судбо моја судбино“, „Сношти појдов мила мамо“, „Кој што ме чуе да пеам“, „И ние сме деца на мајката земја“, „Четворица комити“, „Кога падна на Пирина“, „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи мајко, не жалај“, „Кога се мажеше што ти се чинеше“, „Врати се мило либе“, „Земјо Македонска“... Родена била во Скопје, на 21 декември 1927 година.
2003.- Швајцарецот со индиско потекло Дани Бекман бил примен во Швајцарската гарда, единица која го чува папата, како прв нејзин припадник кој не е белец.
2005.- Најмалку 60 луѓе загинале, а повеќе од 150 биле повредени во напад на бомбаш-самоубиец во ирачкиот град Ербил.
2007.- Починал американскиот космонаут Волтер Марти Шира, единствениот кој летал во вселената со сите три типа американски вселенски бродови, трет кој ја обиколил Земјата и петти американски космонаут воопшто.
###