• понеделник, 25 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
11 ноември 2020 (МИА) 1821.- Во Москва е роден Фјодор Михаилович Достоевски, великан на руската и на светската литература. Негови најпознати дела се „Двојник“, „Бели ноќи“, „Неточка Незванова“, „Злосторство и казна“, „Браќата Карамазови“, „Идиот“ и други. Починал во Санкт Петербург, на 9 февруари 1881 година. 1855.- Умрел данскиот филозоф Серен Кјеркегор, кој бил наречен „копенхагеншки Сократ“. Тој наспроти филозовската традиција, посебно кон системот на филозофијата на Фридрих Хегел, развил специфичен филозофски став. Дела: „За поимот на иронијата со постојан осврт на Сократ“, „Или - или“, „Дневник“, „Стадиумите на животниот пат“, „Филозовски ронки“. 1855.- Во Сента е роден Стеван Сремац, еден од најистакнатите писатели на српскиот реализам. Најпознати негови дела се расказите „Ивкова слава“ и „Зона Замфирова“, како и романот „Поп Ќиро и поп Спиро“. Умрел во Соко Бања, на 13 август 1908 година. 1855.- Во земјотресот што го погодил Токио загинале околу 106.000 луѓе. 1869.- Роден е италијанскиот крал Виторио Емануеле III, последен италијански монарх, кој бил на престолот од 1900 до 1946 година, и поддржувач на Бенито Мусолини. Во 1936 година по агресијата на Италија врз Етиопија се прогласил за „цар на Етиопија“, а во 1939 година и за „крал на Албанија“. Абдицирал по победата на републиканците на изборите во 1946 година, а на референдум набрзо била соборена монархијата во Италија. 1885.- Роден е американскиот генерал Џорџ Смит Патон, кој за време на Втората светска војна во северна Африка и во Европа се истакнал како енергичен и вешт командант. Ги напишал мемоарите „Војната како што јас ја видов“. 1898.- Роден е францускиот филмски режисер Рене Клер, член на Француската академија. Филмови: „Италијанска сламена шапка“, „Под покривите на Париз“, „Милион“, „Дајте ни слобода“, „Четиринаесетти јули“, „Духот оди на Запад“, „Се оженив со вештерка“, „Молчењето е злато“, „Убавината на ѓаволот“, „Големи маневри“, „Улица на соништата“. 1942.- Германските трупи во Втората светска војна ги запоседнале неокупираните делови на Франција. Истиот ден, германските и италијанските трупи го окупирале и францускиот остров Корзика.     1943.- Во селото Сливово, Охридско, формирана била Првата македонско-косовска НОУ бригада. Таа била формирана од НОП баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“, Вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ“ и од четата на придружните баталјони на Главниот штаб на Македонија. При формирањето имало 700 борци и го добила називот ударна. 1944.- Ослободено било Куманово. 1944.- Во Гостивар, во центарот на градот, албанските балисти стрелале шестмина македонски патриоти: Киро Ристовски - Дрнц од Тетово, Васил Пејчиновски од Горна Бањица, Баренко Георгиевски и Изре Зафировски од Долна Бањица, Сократ Павловски од Гостивар и Павле Петрески од Балин Дол, Гостиварско. 1952.- Пронаоѓачите Џон Мулин и Вејн Џонсон во Лос Анџелес првпат го демонстрирале нивниот изум видео-рекордер за снимање на ТВ-емисии. 1961.- Сталинград бил преименуван во Волгоград. За време на царскиот период градот се викал Царицин. 1963.- Во Скопје излегол првиот број на дневниот весник „Вечер“. 1965.- Водачот на расистичкиот режим на Родезија Јан Смит еднострано ја прогласил независноста на британската колонија, а Велика Британија режимот на белото малцинство го прогласила за илегален. 1971.- Сенатот на САД го рафитикувал договорот со кој на Јапонија и бил вратен островот Окинава, кој и бил одземен кон крајот на Втората светска војна. 1973.- На 101 километар на патот Каиро - Суец, потпишана била спогодбата за прекин на огнот меѓу Израел и Египет. На тој начин официјално престанале воените операции во „Октомвриската војна“, на Блискиот Исток. 1975.- По цели пет векови како португалска колонија, Ангола прогласила независност. Нејзин прв претседател станал Агостино Нето. 1990.- Во Атина умрел Јанис Рицос, поет на грчката левица. Освен „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата (1985) добил уште 23 други меѓународни признанија. Имал издадено 117 книги поезија, преведени на 21 јазик. Поради неговите изразито левичарски убедувања повеќепати бил апсен. Роден бил во Монамвасија, на Пелопонез, на 1 мај 1909 година. 1990.- Во СР Македонија се одржале првите слободни повеќепартиски избори. 1992.- Англиската англиканска црква ја напушти својата вековна традиција со што им дозволила на жените да стануваат свештеници. 1995.- Во Брисел, шеснаесетте земји-членки на Алијансата му дале „зелено светло“ на предлогот на Политичкиот комитет, Република Македонија, да биде 27-ма потписничка на програмата „Партнерство за мир“. 1998.- Во Скопје, во црквата „Света Петка“ била отворена првата (црковна) народна кујна. 2000.- Во париското предградие Њуи умрел Франк Пурсел, француски диригент, познат како еден од кралевите на поп-музиката во педесеттите и шеесеттите години години на 20. век. 2004.- Палестинскиот лидер Јасер Арафат починал во воената болница „Перси“ кај Париз. Добитник бил на Нобеловата награда за мир (заедно со Јицак Рабин и Шимон Перес) во 1994 година за покренувањето на мировниот процес во арапско-израелските односи и за склучување мировна спогодба меѓу Палестинците и Израел... Тој на 29 октомври бил примен на лекување во критична состојба. Од приемот, тој неколкупати ја губел свеста, а во последните неколку дена бил во кома од која не се разбудил. Лекарите од француската болница не успеале да дијагностицираат од што боледувал палестинскиот лидер. Арафат бил роден во Каиро на 24 август 1929 година, како Мохамад Јасер Абдал Рауф Арафат ал Кудва ал Хусеини. 2004.- Собранието на Литванија го ратифиувало Уставот на Европската унија со што земјата станала првата во 25-члената Унија што официјално го прифатила тој документ. 2006.- Во Монтесито, Калифорнија, САД, умрел Џек Паланс, холивудски легендарен актер, сликар и писател. Роден бил во 1919 година како Владимир Плањук во семејство на украински емигранти. ###

Остани поврзан