• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
7 јануари 2021 (МИА) Денеска е Божик за христијаните кои се придржуваат на Јулијанскиот календар, а тоа се припадниците на МПЦ-ОА, Српската, Руската, Грузиската, Вселенската, Ерусалимската, Антиохиската и Александриската патријаршија. Божик е ден кога христијаните го одбележуваат раѓањето на Спасителот - синот Божји Исус Христос. Овој датум првпат се споменува како празник во 336 година, во еден римски календар. До 16. век сите христијани Божик го славеле истиот ден, а по 1582 година со прифаќањето на Грегоријанскиот календар од страна на Ватикан, се појавиле разлики. Првите векови во православните и протестантските земји се држеле според стариот календар, кој подоцна постапно се менувал. На Божик, православните Македонци се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“, на што одговараат со „Вистина се роди“. 1536.- Умре англиската кралица од шпанско потекло Катарина Арагонска, прва од шесте жени на англискиот крал Хенри Осми. Нивниот развод без дозвола од папата предизвикал англиска црковна реформа и одвојување од католичката црква. 1584.- Католичките држави во рамките на светото Римско царство го усвоиле Грегоријанскиот календар. 1598.- На рускиот престол застана Борисл Годунов, по смртта на Фјодор Први, последниот цар од династијата Рјурикович. 1610.- Италијанскиот астроном и математичар Галилео Галилеј ги открил Јупитеровите месеци Ио, Европа, Ганимед и Калисто. 1789.- По донесувањето на американскиот Устав со кој се утврдиле начелата на државното уредување и надлежностите на претседателот, во САД се одржале првите претседателски избори на кои убедливо победил Џорџ Вашингтон, прочуениот водач на војната за независност. 1898.- По конституирањето на првата подморница која се движела на тркала по морското дно и со додавање на цевка низ која во подморницата влегувал свеж воздух, американскиот техничар Симон Лејк водел телефонски разговор од својата подморница со претседателот на општината на градот Балтимор. Тоа го значило почетокот на новиот начин на телефонско комуницирање. 1923.- Во Кавадарци е роден Иван Диме Мазов  Климе, македонски револуционер, театарски критичар, раскажувач, публицист, општественик и долгогодишен новинар и уредник во весникот „Нова Македонија“. Познати се неговите прозни дела „Додека топовите пукаат“ и „По трагите на Евлија Челебија“. Во Рогашка Слатина, во Словенија, несреќно го загубил животот на 14 февруари 1977 година. 1927.- Воспоставена е редовна трансатлантска телефонска врска меѓу Лондон и Њујорк. 1942.- Во Жван, Демирхисарско, е роден Божин Павловски, македонски писател и редовен член на МАНУ. Живее и твори во Скопје и Мелбурн. Бил долгогодишен главен уредник на издавачката куќа „Мисла“ во Скопје, а исто така, е основач на издавачката куќа АЕА во 1992 година во Мелбурн, Австралија. Носител е на врвни македоски книжевни и дражвни награди за неговото прозно твпрештво. Дела: „Дува“ (роман, 1973), „Вест Ауст“ (роман, 1978), „Црвениот хипокрит“ (роман, 1984), „Уткини соседи“ (роман, 1987), „Враќање во сказните“ (роман, 1989) „Дува и болвата“ (роман, 1997), „Подвижни гробови“ (роман, 1998), „Патување со љубената“ (роман, 2000), „Египетска сонувалка“ (роман, 2001), „Изгубени во рајската градина (роман) и други. 1943.- Во Њујорк умрел Никола Тесла, еден од најголемите умови и пронаоѓачи на полето на електротехниката. Тој е пронаоѓач на трофазниот систем за пренос на електрична енергија, на индукциониот мотор, на генераторот и трансформаторот и на цела низа други откритија врз кои денес се заснова модерната електроника. Тој е пионер на радиотехниката и според него струјата со висок напон го доби името Теслина струја. Роден е во селото Смиљан, кај Госпиќ, на 10 јули 1856 година. 1953.- Американскиот претседател Хари Труман соопшти дека во САД е направена хидрогенска бомба. 1972.- Индија се спротивстави на притисокот од САД и воспостави дипломатски односи со Кина. 1979.- Камбоџиските бунтовници со помош на витенамските сили, го зазелеа Пном Пен и ја собориле владата на „Црвените Кмери“ предводена од Пол Пот. За време на неговото владеење од 1975 година во Камбоџа биле убиени меѓу еден и два милиона луѓе. 1984.- Умрел францускиот физичар Алфред Кастлер, член на Француската академија и добитник на Нобеловата награда за физика во 1966 година. Открил и развил оптички методи за изучување на Херцовите резонанци во атомите и неговиот труд е од клучно значење за развој на ласерот. 1987.- Во Софија умрел Венко Марковски, поет, драмски писател, еден од основоположниците на современата македонска литература, член на Македонската литературна група, основана во Софија во 1931 година, на Македонскиот литературен кружок (1938 - 1941), учесник во НОВ на Македонија, член на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ, член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, делегат на Првото заседание на АСНОМ... Неговите стихозбирки „Народни бигори“ и „Огинот“, издадени во 1938 година се првите книги стихови на македонски јазик. Бил најомилен македонски поет се до неговото одење во Бугарија. Поради судир со актуелното раководство на Македонија и на Федерацијата осуден бил на принудна работа и интерниран на Голи Оток. Роден е во Скопје, на 5 март 1915 година. 1990.- Првпат по 800 години била забранета посетата на Кривата кула во Пиза, една од најголемите туристички атракции. Поради опасноста кулата да падне, неопходна била нејзина реконструкција. 1992.- Првпат, 7 јануари - првиот ден на Божик, беше прогласен за неработен ден во Република Македонија. 1997.- Во Битола умрел Доне Пановски, македонски литературен критичар, есеист, книжевен историчар и новинар. Автор е на повеќе книги, меѓу кои „Вреднувања“, „Литературни портрети“, „Писателите на Илинден“, „Литературни студии“ и други. Роден бил во селото Буф, Леринско, на 5 ноември 1935 година. 1999.- Во Американскиот сенат била отворена постапката за сменување (импичмент) на претседателот Бил Клинтон. 2001.- Во Скопје умрел Скендер Амет, прочуен македонски естраден виртуоз на хармоника, од ромска националност. Роден е во Скопје, на 31 октомври 1953 година. 2004.- Врховниот суд на Индонезија ја потврдил смртната казна на исламскиот терорист Аморзи, обвинет за подметнување експлозив во ноќен клуб на островот Бали, кога загинале најмалку 202 лица, речиси сите западни туристи. 2006.- Умрел австрискиот писател и истражувач Хајнрих Харер, чие биографско дело “Седум години на Тибет“ е преведено на 53 јазици. Како научник во рамките на истражувачката експедиција која ја испратила нацистичка Германија бил на Тибет и таму останал цели седум години. 2013.- Умрел Драгиша Димитријевски - Шипе, актер од Кумановскиот театар. Својата актерска кариера ја започнал со претставата „Мајката храброст и нејзините деца“ во 1974 година, а од 1980 година бил постојан член на Кумановскиот театар, каде што остварил над сто и педесет актерски улоги. Добитник бил на стручни и општествени награди, на МТФ „Војдан Чернодрински“ и на „Ноемвриска награда“ на градот Куманово. Во последните неколку години Димитријевски беше уметнички раководител на ликовната колонија „Карпино“. ###

Остани поврзан