• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
21 јуни 2021 (МИА) 1377.- Умрел англискиот крал Едвард Трети, кој во текот на владеењето од 1327 година ја освоил Шкотска и ја предизвикал Стогодишната војна со Франција, а во 1340 година се прогласил за крал на земјата. 1527.- Умрел италијанскиот политичар, дипломат, писател и историчар Николо Макијавели. Негови најпознати дела се: политичката расправа „Владетелот“ „Историјата на Фиренца“, „За воената вештина“ и комедијата „Мандрагола“. 1813.- Шпанскиот крал Жозеф, брат на францускиот цар Наполеон Први, го напуштил Мадрид и во битката кај Виторија неговата војска ја поразиле силите на британскиот војсководец Артур Велсли, идниот војвода од Велингтон, со што завршило француското владеење со Шпанија. 1818.- Францускиот научник Рене Лаенек во Париз, пред околу 30 лекари го прикажал својот пронајдок: првата слушалка за поставување дијагноза кога се во прашање срцеви и белодробни болести - стетоскопот. 1874.- Умрел Јонас Ангстрем, шведски физичар и астроном. Го истражувал Сончевиот спектар и ја вовел единицата за бранова должина на светлината - ангстрем (А). Роден бил во 1814 година. 1905.- Во Париз е роден Жан Пол Сартр, француски филозоф и писател. Тој бил основоположник на француската егзистенцијалистичка школа и импресивна фигура во современата литература на својата земја. Најпознати негови дела се романите „Тегобност“, „Патишта на слободата“, драмите „Валкани раце“, „Зад затворени врати“, филозофските дела „Битие и ништожност“ и „Критика на дијалектичкиот ум“. Во 1964 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Париз, на 15 април 1980 година. 1908.- Умрел рускиот композитор и диригент Николај Андреевич Римски - Корсаков, член на композиторската група „Големите петмина“. Дела: оперите „Садко“, „Златниот петел“, „Царска невеста“, симфониската композиција „Шехерезада“. 1933.- Родена е француската писателка Франсоаз Куаре, позната како Франсоаз Саган. Дела: романите - „Добар ден таго“, „За еден месец, за една година“, „Го сакате ли Брамс“, „Изгубен профил“, драмите „Дворците во Шведска“, „Чувар на срцето“, „Клавир во трева“. 1935.- Во Париз (од 21 до 25 јуни) бил одржан Првиот меѓународен конгрес на писателите, на кој било решено да се основа Меѓународно здружение на писателите за одбрана на културата. 1954.- Во с. Слатино, Охридско, е роден Бранко Цветкоски - поет, литературен критичар, публицист, преведувач и издавач. Работел како новинар, уредник и менаџер во културни институции, еден е од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“ и основач на ИК „Макавеј“. Член е на ДПМ, на Македонскиот ПЕН центар, почесен член на Сојузот на бугарските писатели и член-координатор за Македонија на Славјанската литературна и уметничка академија од Варна. Автор е на триесетина книги поезија, критика и есеистика и на четириесетина преведени и препеани книги од странски автори, главно од словенските јазици. Неговата поезија е објавена во одделни книги на 20 странски јазици. Носител е на бројни врвни македонски и меѓународни државни и книжевни награди, меѓу кои: „Св. Климент Охридски“, „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Димитар Митрев“, „Христо Ботев“,„Европски орден на ООН за култура“, „Владимир Мајаковски“, „Сергеј Есенин“ и „Летечко перо“ на Фетивалот на словенски земји во Варна. Негови најважни книжевни дела се: „Свијок“, „Пресна пепел“, „Високи ветрови“, „Молитвен веј“, „Името, родот, имотот“, „Земја за зобање“, „Имиња и теми“, „Вечноста и мигот“, „Стреа на ветровите“, „Оган во обрачи“.  Во 2014 година, по повод 60-годишнината, излегоа неговите Избрани дела во 6 томови. 1963.- Франција ги повлекла поморските сили од НАТО. 1990.- Во Унгарија повторно била отворена берзата, по 42 години откако била затворена со одлука на комунистичката влада која ја презеле власта по Втората светска војна. 1969.- Умрела американската тенисерка Морин Коноли, наречена Малата Мо, која во 1953 година станала првата тенисерка во историјата на „белиот спорт“, која ги освоила сите четири Грен слем турнири. 1994.- Република Македонија и Република Киргистан воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади. 1994.- САД и понудиле на Северна Кореја разговори на високо ниво условувајќи го Пјонгјанг да потврди дека се откажува од развој на нуклеарната програма. 1996.- Република Македонија и Туркменистан воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 2005.- Умрел филипинскиот надбискуп Џеми Син, познат како предводник на масовните народни движења со кои се тргнати од власт двајцата некогашни филипински претседатели - Фердинанд Маркос во 1986 и Џозеф Естрад во 2001 година. 2008.- Ферибот, со повеќе од 700 патници и членови на екипажот потонал во водите на Филипини. Фериботот „Принцеза ѕвезда“ на кој се наоѓале 620 патници и 121 член на екипажот пловел од Манила кон провинцијата Цебу кога дошло до потонувањето. Причината за трагедијата најверојатно бил тајфунот „Фензен“. ###

Остани поврзан