• понеделник, 23 декември 2024

Наградата „Антево Перо“ за стихозбирката „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски

Наградата „Антево Перо“ за стихозбирката „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски

Скопје, 19 август 2024 (МИА) - Стихозбирката „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски е добитник на наградата „Антево Перо“ за 2024 година, која се доделува како исклучително признание за необјавен поетски ракопис.

Жири-комисијата за доделување на наградата е во состав на претседателката проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска и членовите д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски. Наградата подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори.

Како што соопштија од тимот на „Антево перо“, пристигнале 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки - „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски  „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина  и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини.

Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките кои се избрани во потесен избор, оваа година Комисијата, одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи, една повеќе од она што, до сега, беше пракса. Наградите „Антев златник“ за 2024 година им припаѓаат на Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за  збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“. 

-Со должно внимание и задоволство, Жирито дискутираше и за петте стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик и тоа: Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И овде, Комисијата имаше тешка задача да одбере само една збирка која ќе биде наградена, поради што за првпат во седумгодишното постоење на Манифестацијата „Антево перо“, се донесе одлука наградата „Антев часовник“ да биде доделена на двајца млади поети и тоа на: Нино Наумовски за неговата збирка „Индиго солзи“ и на Стефан Спасовски за збирката „Ќумур смоквин млеч“, велат од тимот на „Антево перо“.

-Доживувањето на стварноста кај индивидуите кои имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети, ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година. Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето кое постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катенцот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот, се вели во соопштението на тимот на „Антево перо“ за стихозбирката „Музеј на заборавот“.

Како што посочуваат, оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите кои припаѓаат на звучниот код.

-Со помош на зборовите, Димоски ни презентира визуелност во која гледаме како машкиот и женскиот принцип, темнината и светлината, вистината и заборавот страсно танцуваат танго. Тоа танго некогаш е во духот на аргентинската милонга во која слободата на движењата, незадолжителноста на формата и опуштеноста на рацете и нозете преоѓа во танцовен чекор со различен ритам и брзина правејќи тоа да биде milonga de amor и да има длабоко треперење при самото танцување. Понекогаш танцот е во духот на либертангото кое ги руши стереотипите и пред нас става нешто ново без притоа да ги заборави традиционалните вредности што од нас ги бара татковината, погледот на мајката или исконскиот оган во домашното огниште, се појаснува во соопштението.

Како што најавија, во наредниот период ќе следи уште едно соопштение со кое јавноста ќе биде информирана за датумот и местото на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2024 година и врачувањето на сите награди.бт/са/

Фото: плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан