• петок, 22 ноември 2024

Муцунски ги прими акредитивите од амбасадорот на Албанија Денион Меидани

Муцунски ги прими акредитивите од амбасадорот на Албанија Денион Меидани

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Албанија Денион Меидани, информираат од МНР.

Посакувајќи му успешна мисија на новиот албански амбасадор, министерот Муцунски изразил задоволство од билатералната соработка меѓу двете земји и увереност дека амбасадорот ќе даде значаен придонес во натамошното продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави.

- Соговорниците се осврнаа на евроинтеграциите на двете земји, нагласувајќи ја потребата од забрзување на овие процеси во периодот што следи. Се согласија дека враќањето на проширувањето на ЕУ на агендата е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси. Двете земји остануваат посветени на европскиот пат и подготвени да соработуваат во насока на реализација на крајната и споделена цел – полноправно членство во Унијата, известуваат од МНР.

Воедно, станало збор за соработката во однос на претстојниот НАТО Самит, што ќе се одржи идната недела во Вашингтон.

- Притоа, беше нагласено дека како НАТО сојузници, двете земји споделуваат исти вредности и даваат придонес во унапредувањето на регионалната соработка, што е гаранција за безбеден и стабилен регион, соопштуваат од МНР.

На средбата се разговарало и за модалитетите за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економијата, зголемувањето на трговската размена и реализацијата на инфраструктурните проекти, а биле разменети мислења и за регионалните случувања и за актуелните надворешно – политички теми. ир/дма/

 

Фото: МНР

Остани поврзан