• вторник, 25 јуни 2024

МОН: Со континуирани обуки ја јакнеме психосоцијалната поддршка во училиштата

МОН: Со континуирани обуки ја јакнеме психосоцијалната поддршка во училиштата

Скопје, 21 август 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека во мај оваа година беа организирани осум регионални работилници за јакнење на вештините на стручните соработници за ефикасно справување со различниот опсег на предизвици поврзани со менталното здравје на основците и средношколците.

На работилниците учествуваа 521 стручен соработник, односно повеќе од половина од психолозите, педагозите, специјалните едукатори и социолозите кои работат во основните и средните училишта.

Претходно, како што појаснуваат од МОН, во рамки на Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини, развиена од УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, преку менторски сесии, беа опфатени 649 стручни соработници.

Од МОН потенцираат дека проценката на активностите од Програмата покажа дека стручните соработници имаат потреба од континуирана поддршка со материјали, обуки, колегијална поддршка и други ресурси поврзани со менталното здравје, проширување на програмата за ментално здравје и засилена соработка меѓу практичарите и професионалците во областа на менталното здравје.

Како што наведуваат во соопштение, УНИЦЕФ работи на проширување на Програмата преку развивање на посебен модул кој се фокусира на менталното здравје на адолесцентите. Предвидено е да се одржат дополнителни осум регионални работилници во текот на првото полугодие од претстојната учебна 2023/24 година. Дополнително, сите материјали и ресурси кои се однесуваат на менталното здравје за деца и адолесценти ќе бидат објавени онлајн и ќе бидат достапни за сите заинтересирани поединци.

-Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ вложуваат во унапредување на постојните и создавање нови сервиси и ресурси за поддршка на менталното здравје на учениците, како услов за квалитетно образование, соопштија од МОН.бт/лв/

Фото/ МОН

Остани поврзан