• понеделник, 23 декември 2024

Модна ревија „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“ во Скопје

Модна ревија „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“ во Скопје

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Како дел од скопскиот „Моден викенд“, вечер во „Лабораториум“ ќе се одржи модна ревија „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“. Станува збор за дел од проектот „Поттикнување на иновативноста и креативноста на жените на пазарот“, со поддршка од Амбасадата на Република Словенија, во имплементација на Здружението „Добредојде“ (Macedonia welcome centre).

Организаторите истакнуваат дека не станува збор само за модна ревија, туку и прослава на традицијата, занаетчиството и зајакнувањето.

Според најавата, ќе бидат претставени креации на 60 талентирани девојки и жени од Битола, Скопје, Куманово и од Струмица, кои поминале седуммесечна интензивна обука за шиење, плетење, везење и заживување на стариот македонски ткајачки занает.

- Под менторство на реномираната модна дизајнерка Ирина Тошева и локални експерти, овие жени создадоа прекрасни дизајни што го одразуваат хармоничниот спој на традицијата и модерноста. Нивните креации ќе бидат моделирани од инспиративни личности од дипломатскиот кор и јавниот живот, солидарни со нашите талентирани дизајнери додека ги прават своите први чекори кон успешна кариера, се наведува во соопштението.

Најавени се обраќања на амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и претседателот на Здружението, Емилија Миладинова Аврамчева.

На настанот ќе присуствуват претставници од Словенија, претставници од Владата на Република Северна Македонија, градоначалници од општините со кои е соработувано во рамките на наведениот проект.

Се очекува и присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. бд/са/

Фото: плакат

Остани поврзан