• вторник, 05 ноември 2024

МНР: Ги отфрламе наводите за нови обврски со Бугарија надвор од Протоколот

МНР: Ги отфрламе наводите за нови обврски со Бугарија надвор од Протоколот

Скопје, 9 август 2022 (МИА) - Министерството за надворешни работи, во врска со појавени шпекулации во јавноста за нови взаемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, информира дека со внимание го следи процесот на формирање на бугарска Службена влада и развојот на внатрешните и надворешните политики, при што, наведува, дека охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада.

- Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори, стои во соопштението на МНР.

Оттука, додава Министерството, сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков вчера изјави дека непосредна задача на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија ќе биде усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски. На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ја повика Владата да одговори што содржат новите документи од Бугарија. - Ковачевски, Османи и Маричиќ треба веднаш да одговорат што содржат овие нови документи, кои се новите барања и услови? Додека се обидуваа да ја убедат македонската јавност дека со Протоколот се затвораат сите услови и барање од страна на Бугарија, за нецел месец, повторно добиваме нови услови и нови барања за исполнување, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан