• среда, 27 ноември 2024

Млади од Кавадарци организираа хуманитарен концерт за поддршка на самохрана мајка

Млади од Кавадарци организираа хуманитарен концерт за поддршка на самохрана мајка

Кавадарци, 9 април 2024 (МИА) - Млади од Кавадарци реализираа хуманитарен концерт за поддршка на семејство на самохрана мајка и нејзиното малолетно дете. Настанот се одржа синоќа во основното општинско музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале". 

-Во рамките на програмата ЦКА-ПХВ ( Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности), младите на Црвениот крст Кавадарци кои доаѓаат од ООУ „Тошо Велков Пепето", во соработка со музичкото училиште, го организираа хуманитарниот концерт во концертната сала. Средствата собрани од овој концерт и од други активности на овие деца кои се здружија под името,,Надеж“ ќе бидат наменети за купување на покуќнина и најпотребни работи на социјално загрозено семејство, како фрижидер, маса и слично. Учениците работат под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст, како и нивниот наставник од училиштето, Орхидеја Димовска, појасни Димитар Каракулев, претседател на кавадаречкиот Црвен крст.

Тој упати честитки до сите учесници кои настапија на овој хуманитарен концерт, за нивните наставници и директорот на музичкото училиште, како и за членовите на нивните семејства, кои земаа учество во хуманитарната акција за собирањето паричните средства. 

Инаку, млади од Кавадарци, со шест микро проекти учествуваат во активности за промоција на хумани вредности.

- Во рамките на овогодишната програма на Црвениот крст, ЦКА-ПХВ, наменета за младите волонтери, Црвениот крст Кавадарци учествува со проекти што ги изработија младите кои доаѓаат од сите основни училишта во општината и треба да ги довршат до крајот на месец април, додаде Каракулев.

Тој соопшти дека децата имаат голема поддршка од наставниот и раководниот кадар од училиштата, како и од Црвениот крст Кавадарци. 

Каракулев нагласи дека минатата година, со ваквите проекти, беше освоено првото место во државата. свд/вг/


Фото : Црвен крст Кавадарци

Остани поврзан