• вторник, 02 јули 2024

Младинска керамичка работилница по седми пат традиционално во село Вранештица

Младинска керамичка работилница по седми пат традиционално во село Вранештица
Кичево, 6 мај 2021 (МИА) - Младинска керамичка работилница годинава по седми пат, традиционално ќе се одржи во село Вранештица во првата половина од месец јуни, согласно програмата на Центарот за култура од Кичево, вели директорот на центарот Мазлам Османи. Според Османи, резервни термини, како што беше случајот минатата година, се втората половина на јуни или месец август. -Годинешното издание на седмата Младинска керамичка работилница планираме да се одржи во првата половина на месец јуни, а како резервни опции влегуваат втората половина на јуни или месец август, како што тоа се случи претходната година, рече директорот Османи. На работилницата, посочи тој, ќе учествуваат ученици од кичевските средни училишта и од уметничкото училиште „Лазар Личеновски“ од Скопје. -Покрај учениците од локалните средни училишта од Кичево и за годинава е планирано да учествуваат ученици од уметничкото училиште „Лазар Личеновски“ од Скопје. Како ментори на двете групи ученици ќе бидат професорите Мирослав Крстески од Кичево и Гоце Стоилкоски од Скопје, додаде Османи. Тој истакна дека во изминатите шест години на оваа работилница се изработени над 300 примероци модели керамички производи и очекува со нови педесетина изработки, да биде надополнета колекцијата од оваа работилница. -И на седмото издание на керамичката работилница очекуваме учениците од двата града да ја покажат својата креативност и да создадат керамички модели какви што досега не се изработени. За младите керамичари глината не е табу тема и самите седнуваат на грнчарското тркало за да создадат производи кои се плод на нивната мечта, рече Османи. за/аа/

Остани поврзан