Млада фока вратена во море откако „шетала“ на улица во грчкиот град Аркица
- Млада фока во крајбрежниот град Аркица во централна Грција била пронајдена на улица во близина на пристаништето, а по брзата реакција на припадници на крајбрежната служба и жителите, кои добиле насоки и упатства од невладината организација „МОм“ за проучување и заштита на медитеранската фока, била безбедно вратена во море, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 27 февруари 2026 (МИА) – Млада фока во крајбрежниот град Аркица во централна Грција била пронајдена на улица во близина на пристаништето, а по брзата реакција на припадници на крајбрежната служба и жителите, кои добиле насоки и упатства од невладината организација „МОм“ за проучување и заштита на медитеранската фока, била безбедно вратена во море, јави дописничката на МИА од Атина.
Од МОм, преку социјалните мрежи објавија фотографија од медитеранската фока и коментираа дека вчера имале „неочекувано изненадување“.
- По телефонски повик од припадник на крајбрежната служба, бевме информирани дека една млада фока … шета по пат кај пристаништето на Аркица! Под водство на „МОм“ и со брзите постапки на крајбрежната служба и жителите од областа, малата истражувачка брзо и безбедно се врати во морето, информираа од „МОм“.
Објаснија дека ваквите случаи иако се ретки, сепак „потсетуваат колку се важни навременото информирање и соработката“.
Информираа дека при ваква „средби“ со медитеранска фока, граѓаните потребно е: да држат растојание, да не се обидуваат да ѝ се приближат или да ја преместат; да не ѝ истураат вода и да не ја хранат, но и веднаш да стапат во контакт со организацијата, бидејќи „правилната реакција може да направи голема разлика“. ср/jt/
Фото: Фејсбук „МОм“