• сабота, 23 ноември 2024

Мицотакис: Грција сака силно портфолио во Европската Комисија

Мицотакис: Грција сака силно портфолио во Европската Комисија

Атина, 24 јули 2024 (МИА) – Секако би сакал портфолио што ќе го истакне од една страна напредокот што Грција го постигна на економско ниво, но исто така и стратешката позиција на Грција во југоисточниот дел на Европа и НАТО, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за Политико, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали Грција е заинтересирана за ново најавената позиција комесар за Медитеранот, Мицотакис вели дека е добра идеја што се воведува таков комесар, оценува дека би требало да биде медитеранска земја што ќе го добие конкретното портфолио, но и посочува дека сепак за Атина постојат и други ресори што би можеле да ѝ одговараат. 

Грчкиот премиер во интервјуто нагласува дека Грција повеќе не ја гледаат „како црна овца на Европа“, што му овозможува да игра поголема улога на европска и меѓународна сцена.

Додава дека во следните пет години, Европа ќе треба да има тешка дискусија за тоа како да одговори на прашањата поврзани со климата, конкурентноста и одбраната. 

Политико пишува дека во последните месеци, името на Мицотакис повремено се споменуваше како алтернатива на Фон дер Лајен доколку таа не добие доволна поддршка за втор мандат, за што грчкиот премиер вели дека неговиот фокус секогаш бил на Атина, а на прашањето дали тоа може да се промени за пет години, духовито одговорил дека „пет години се повеќе од еден век во политиката“. 

Грција сè уште не ги има јавно објавено кандидатите за комесари, меѓутоа во изминатиот период во медиумите се споменуваат министерката за труд Ники Керамеос и префектот на областа централна Македонија Апостолос Ѕиѕикостас. ср/

Остани поврзан