• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски со честитка за Прочка: Простувањето е личен подвиг во кој човекот ги победува своите слабости

Мицкоски  со честитка за Прочка: Простувањето е личен подвиг во кој човекот ги победува своите слабости

Скопје, 26 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска упати честитка во негово и во име на партијата до сите православни верници по повод празникот Велики поклади - Прочка.

-Простувањето е личен подвиг во кој човекот ги победува своите слабости, недостатоци и грешки кои сите ние ги имаме. Во најдлабоката суштина на сето ова е стремежот да бидеме подобри, почовечни, да ги сакаме ближните и да се бориме за работите кои веруваме. Во центарот на таа борба е иднината на нашите семејства, пријателите, народот, иднината на нашата Македонија. А, за тоа е потребно волја и верба, чист образ и многу работа. И во тој контекст никогаш не ми е тешко да ја побарам прошката за работите кои можеле да бидат поинакви и подобри, од моите блиски, соработниците, од народот во кој цврсто верувам, се вели во честитката од Мицкоски.

Човечки и исправно е, додава тој, да се побара прочка од оние кои му значат на човека.

-Но, воедно тоа не значи и немање на одговорност за сите оние кои си поигруваат со заедничката иднина на сите и го прават живот потежок. Само заедно, едни до други, со чисто срце и верба во Бога можеме да се избориме за посреќна, постабилна и просперитетна иднина. Нека е честит празникот Велики поклади - Прочка! Нека е за многу години!, наведува Мицкоски. мс/аа/

 

Остани поврзан