Мицкоски: Немаме информации што се преговора со Бугарија, недолично е да се прифаќа одбиен предлог
- Немам информација што има во тој нон пејпар. Имаме само определени шпекулации кои што или ги дознаваме од медиумите или од канали кои што се неофицијални, но тоа се нерелевантни информации ко
Скопје, 16 април 2022 (МИА) - Немам информација што има во тој нон пејпар. Имаме само определени шпекулации кои што или ги дознаваме од медиумите или од канали кои што се неофицијални, но тоа се нерелевантни информации кои што доаѓаат до нас, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали како опозиција знаат што точно содржи новиот нон пејпар за преговори со Бугарија.
Мицкоски рече дека „се срами од тоа што го прават на граѓаните на Македонија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој, како што рече, прифаќа договор кој веќе еднаш е одбиен.
-Навистина се срамам од ова што го прават Ковачевски и Османи на граѓаните на Македонија. А она што го направи Османи прифаќајќи договор кој што веќе е добиен неколку месеци претходно, веќе не е ни домат дипломатија, ова просто се граничи со нешто што е уште пониско од таа домат дипломатија. Се срамам што граѓаните плаќаат практично пари на ваков тип политичари да земаат плати и да уживаат привилегии на грбот на народот кој што едвај крај со крај во овие кризни времиња врзува. Навистина е недолично за еден министер за надворешни работи да прифаќа предлог кој што, како што кажуваат од бугарската страна, тие пред три месеци веќе го одбиле. Тоа е исто како да зборуваме за ланскиот снег, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека однесување на власта во однос преговорите со Бугарија покажува комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ и на сите граѓаните во државата да добијат можност да ги отпочнат преговорите со Европската унија.
-Јас не знам каква е оваа стратегија и кој ги подучува на сето ова, но ако мислат дека на тој начин ќе се покажат како политичари кои еве се конструктивни, тогаш ова е комплетно спротивно на тоа и тие ни покажуваат комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ, граѓаните во Македонија без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби и останати да добијат можност да ги отпочнат преговорите со Европската унија, заклучи Мицкоски.
Прашан како го коментира отворањето на бугарскиот културен центар во Битола и посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков, Мицкоски нагласи дека доколку Петков сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола треба да го покаже и во Благоевград и Сандански и да им овозможи и на Македонци во Бугарија македонски културен центар.
-Веднаш после тоа отворање Петков кога ќе замине во Софија треба да земе пример од тука од Битола и да направи сличен таков потег во Благоевград и Сандански, и на тие илјадници Македонци кои што живеат таму да им овозможи еден ваков културен македонски центар кој што е во согласност со сите пресуди од Стразбур. А овие малкумина македонски Бугари кои на пописот кој што беше таков каков беше, некомплетен и манипулативен, се изјаснија дека отприлика околу 800-тини од нив го говорат бугарскиот јазик како мајчин треба да го советуваат Петков истото тоа да го направи и во Бугарија за Македонците кои што живеат таму и на тој начин навистина ќе го покажат и на дело тоа братство за кое тој цело време зборува и полна му е устата за братство и пријателство. Пријателството не се зборува, туку се покажува со дело, потенцираше Мицкоски.
Тој обвини дека има закани од власта кон наставниците, професорите, негувателките и до воспитувачките, како и до СОНК и останатите синдикални организации кои се во штрајк поради барање за повисоки плати. Тоа, вели, е скандалозно обвинување и потребна е реакција ид меѓународната заедница, ОБСЕ и сите кои што ги следат процесите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повтори и дека наскоро ќе има предвремени парламентарни избори и оти на државата и треба севкупно општествено обединување околу ВМРО-ДПМНЕ за промени, работа и прокети. Истакна дека ќе се борат да стане реалност таквиот план за што ќе преземат чекори во иднина. вг/ лв/